Москва удри по Вашингтон: „Ова е колонијален пристап, не дипломатија“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини Соединетите Американски Држави дека ги напушаат меѓународните дипломатски норми и се обидуваат да воспостават доминација, особено врз глобалните енергетски пазари.

Во интервју за руската државна телевизија, Лавров изјави дека политиките на Вашингтон, особено во односите со Латинска Америка и Блискиот Исток, „нè враќаат во време кога меѓународното право практично не постоело“.

Тој оцени дека САД се водат исклучиво од сопствените интереси и се подготвени да ги бранат „со сите средства“, вклучително и државни удари, киднапирања или ликвидации на лидери на земји богати со природни ресурси.

Лавров директно посочи дека зад американската политика стои енергетски интерес, наведувајќи ги Венецуела и Иран како примери каде, според него, клучна е контролата врз нафтата.

Дополнително, тој обвини дека САД ја оттурнуваат Европската унија од рускиот енергетски пазар, преку притисоци за напуштање на гасоводот „Северен тек“ и намалување на зависноста од руски гас.

„Ова не е пристап кон меѓународните односи. Ова е обид за враќање во колонијалната ера“, изјави Лавров, оценувајќи дека ваквата политика е водена од „ароганција и презир кон другите“.

Тој додаде дека дури и во контекст на војната во Украина, САД ја користат ситуацијата за економски придобивки, додека Русија, како што рече, се оттурнува од глобалните енергетски пазари.

Москва, според Лавров, е подготвена за соработка, но само ако нејзините интереси се почитуваат, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close