Само, да не извисиме на сите страни

 

Денко Малески

Ајатолахот Али Хамнеи одби да се крие во бункер за време на израелско-ѐмериканските бомбардирања на Техеран.Изјави дека сака да живее нормално меѓу својот народ, убеден дека водач не може да бара жртви од другите кои самиот не е спремен да ги направи. Неговата одлука да живее и да работи, па и да загине како маченик, во резиденцијата во Техеран, како чин на солидарност со сопствениот народ ја објаснил вака:„Ако можете да изградите 90 милиони бункери за Иранците, тогаш сум спремен да влезам во еден изграден и за мене“. Како што знаеме, во бомбашкиот напад на израелски авиони беше убиен тој и неговата сопруга, додека синот Моџтаба Хамнеи, новиот врховен водач,чија сопруга и дете беа исто така убиени, преживеа. Кога видов дека македонскиот премиер Мицковски меѓу првите, истото утро на нападот врз Иран, ја поддржа Америка, а министерот за надворешни работи Муцунски, во моментот кога авионите летаа кон целите во Иран, по телефон му упати охрабрувачка поддршка на израелскиот колега, ми стана јасно дека нашата држава вложи се на картата на поддршка на администрацијата на Доналд Трамп. Мислам дека никој во светот не и даде таква брза и експлицитна поддршка на Америка и на Израел, како Северна Македонија. Помислив, дека е гротескно и недостоинствено една мала држава како нашата да се замешува во големата светска политика толку бргу, како од нејзината поддршка да зависи нешто. Уште понедостоинствено е да ќарува на туѓа несреќа.

Веќе сум ја цитирал анегдотата кога словенечкиот министер за надворешни работи го прашале за ставот на Словенија за американската воена интервенција во Ирак во 2003,а тој одговорил дека Словенија е премногу мала за да има став. Ние, пак, имаме став. Македонскиот министер за надворешни работи Муцунски го потврди тоа и вчера со порака до Вашингтон дека „му олеснало“ што претседателот Трамп и неговата сопруга не биле повредени во пукотницата во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон. Како противник на секој вид насилство, не можам а да не се согласам, иако се работи за претседател кој ја поткопува американската демократсија со своето авторитарно владеење, го поткопува мирот во светот и е на чело на едно корумпирано семејство кое ја злоупотребува власта за лично богатење.

Но, каде беа нашите политичари да изразат несогласување или барем воздржаност со политиката на обезглавување на водството на суверена држава, пракса спротивна на Повелбата на ОН. Што со бомбардирањето на Либан? Или да изразат сочувство по таргетирањето на училиштето за девојчиња во Иран, напад во кој беа убиени 160 деца, на првиот ден од бомардирањето. Признавам, во меѓународната политика не е невообичаено државата да го брани својот себичен интерес, така што, секогаш и секаде, се согласува со секоја постапка на големата сила која ја смета за патрон. Не е невообичаено, но е недостоинствено. Еди Рама, премиерот на Албанија, со изјавата дека не може да донесе одлука по некаква енергетска тема без да се консултира со Вашингтон, некни, ме потсети на праксата на албанската дипломатија во деведесетите. Се сеќавам дека, во еден период, претставникот на Албанија заедно со само уште неколку мали држави од Пацификот, секогаш гласаше за непопуларните резолуции на Америка против кои беше огромното мнозинство во Генералното собрание. Јас, во отсуство на директиви од дома, слабоста на сите нови демократии од Источна Европа, се рамнав според одлуките на ЕУ, во која тогаш беше и Велика Британија.

Но тоа беше време на „хегемонскиот мир“ со неприкосновена доминација на една голема сила – Америка, а ЕУ беше позната и како американски проект од Втората светска војна. Сега, трансатлантските односи се во хаос, како впрочем и светот, па секој потег на меѓународната сцена мора добро да се осмисли. Од исправноста на оценката за развојот на меѓународните односи може да зависи судбината на нашата држава. Добро би било да станеме членка на ЕУ, сега кога станува се појасни дека е во тек постапка за развод помеѓу ЕУ и Америка. Н., се чини дека, во таа бракоразводна парница ние сакаме да и припаднеме на Америка. Ќе не земе ли? И што ќе прави со нас? Зашто, работите на нашиот континент се тргнати во спротивна насока. Франција, европската голема сила, целосно се дистанцира од политиката на Трамп на Блискиот исток и ја споделува позицијата на Кина и Русија за дипломатско решение. По истиот пат се тргнати и други држави членки на ЕУ, како Шпанија , па дури и Велика Британија. Македонска надворешна политика, која вистински се грижи за националниот интерес, мора да го земе предвид и овој факт, за да не извисиме на сите страни. Не , не треба да правиме непријатели од Америка зашто тоа е опасно, ама судбината да ја врземе за неа денес, може да биде фатално за нас.

 

 

Back to top button
Close