„Европски фронт“ почнува иницијатива за собирање пратенички потписи за уставните измени

 

Беџети, кој инаку е кадар на опозициската ДУИ, ги повика сите пратеници – и од опозицијата и од парламентарното мнозинство, особено пратениците од ВЛЕН, да ја поддржат иницијативата на „Европскиот фронт“ бидејќи, како што рече, се работи за прашање кое ги надминува партиските интереси е важно за ориентацијата на државата
Пратениците на „Европскиот фронт“ денеска во Собранието најавија дека почнуваат постапка за собирање на пратенички потписи за иницирање на уставните измени за внесување на Бугарите.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, рече се работи за неопходен и одговорен институционален чекор за продолжување на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија кој, како што рече, две години е во целосна блокада.

Пратеници од коалицијата „Европски фронт“ / Фото: „Европски фронт“
Иницијативата, како што рече Беџети на денешната прес-конференција во парламентот, се темели на членот 130 од Уставот, според кој, промена на Уставот може да поднесат најмалку 30 пратеници.

Беџети, кој инаку е кадар на опозициската ДУИ, ги повика сите пратеници – и од опозицијата и од парламентарното мнозинство, да ја поддржат иницијативата на „Европскиот фронт“ бидејќи, како што рече, се работи за прашање кое ги надминува партиските интереси и калкулации и е важно за ориентацијата на државата.

„Почнувајќи од денес, упатуваме повик до сите пратеници во Собранието, вклучително и пратениците од Алијансата за Албанците на Таравари и на Села, ДПА независните пратеници, како и претставниците на сите политички партии кои ја гледаат иднината на државата во Европската Унија, а особено пратениците од ВЛЕН, да ја дадат својата поддршка со потпишување на оваа иницијатива. Во својата програма, ВЛЕН го ветуваа истото. Ако имаат чест и коректност треба да го стават потписот, а потоа дури пратениците од ВМРО-ДПМНЕ“,рече Беџети на прес-конференцијата во парламентот.

Пратеникот додаде дека по две години блокада, потребно е откочување на евроинтегративниот процес.

„Не можеме повеќе да се криеме со квази образложенија дека се чека стабилна влада во Бугарија. Бугарија веќе има парламентарно мнозинство, а со тоа ќе има и стабилна влада. Регионот напредува додека ние немаме луксуз да останеме заложници на политичките калкулации. Додека Црна Гора и Албанија напредуваат, Северна Македонија, ризиква да остане зад нив поради недостиг на политичка храброст и државничка одговорност“,рече пратеникот Блерим Беџети.

Прашањето, додава тој, не е дали граѓаните се за Европа, туку дали пратениците се подготвени да дејствуваат за оваа цел. Од денес, како што рече. секој пратеник има можност јасно да се определи – за деблокирање на процесот или за продолжување на блокадата, за европски пат или за изолација.

Back to top button
Close