Уставен суд: Се оценуваат актите, а не придонесот на уметниците – сè уште нема конечна одлука
По повод денешниот протест на културните работници, Уставниот суд излезе со појаснување до јавноста дека постапката за Колективниот договор за култура и Законот за култура е во втора фаза и дека конечна одлука сè уште не е донесена. Од Судот нагласуваат дека предметот на разгледување е исклучиво усогласеноста на прописите со Уставот, а не вреднувањето на работата или примањата на уметниците.

Од Уставниот суд потенцираат дека со внимание ги следат реакциите во јавноста и загриженоста на културната заедница, нагласувајќи дека правото на протест е темелна демократска вредност која Судот целосно ја почитува. Сепак, апелираат до граѓаните и засегнатите страни внимателно да ги следат информациите за да не се создаде погрешен впечаток дека Судот веќе пресекол или дека се оспорува статусот на културните дејци.
Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, појасни дека уставно-судската контрола се однесува на правниот акт, а не на луѓето кои ги остваруваат правата преку него. Почитта кон улогата на уметниците во општеството е неспорна и Судот не навлегува во значењето на нивниот придонес.
„Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Судот постапува исклучиво во рамки на своите надлежности и одлучува по уставно-правни прашања“, стои во соопштението на Судот.
Судот ги повика медиумите и јавноста на објективност, потсетувајќи дека постапката е поведена врз основа на сомнеж за уставноста на членот 76-љ од Законот за културата и соодветниот Колективен договор. Од таму додаваат дека точното информирање е клучно во оваа фаза за да се избегнат непотребни тензии или дезинформации дека се загрозуваат примањата на вработените во културата пред да биде донесена финалната одлука.






