Општината ги шокира охриѓани со најавата за нови повисоки сметки и до 50 отсто

Цените на услугите на јавните претпријатија во Охрид ќе имаат значително зголемување, со што граѓаните во наредниот период ќе се соочат со повисоки сметки за дел од основните комунални услуги. Според одлуките на Советот, услугите на „Нискоградба“, „Билјанини Извори“, „Градски гробишта“ и „Охридски Комуналец“ поскапуваат од 30 до 50 проценти.

Од владејачкото мнозинство и раководствата на јавните претпријатија посочуваат дека корекцијата на цените е економски оправдана и неизбежна, имајќи го предвид растот на трошоците за гориво, репроматеријали и зголемените издатоци за плати. Велат дека станува збор за реална мерка насочена кон одржување на функционирањето на претпријатијата.

Од друга страна, опозициската советничка група на СДСМ реагира дека ваквите одлуки доаѓаат во време на висока инфлација и дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните. Според нив, станува збор за директен удар врз семејните буџети, особено ако се има предвид дека се работи за режиски трошоци.

Во Охрид паркингот поскапува за околу 30 проценти, гробарината за дури 50 проценти, додека комуналните услуги исто така бележат зголемување од околу 30 проценти.Од опозицијата во локалната самоуправа оценуваат дека покачувањата се непропорционални и неоправдани, наведувајќи дека граѓаните ќе плаќаат значително повисоки износи за истите услуги.

Дел од нив сметаат дека јавните претпријатија наместо кон поскапувања, треба да се насочат кон подобрување на ефикасноста и рационализација на трошоците.

Паралелно со ова, Советот донесе одлука и за нови цени во такси-превозот, кои ќе стапат во сила од 6 мај. Новата тарифа предвидува старт од 50 денари и 50 денари по километар, додека ноќната тарифа ќе изнесува 100 денари старт и 50 денари по километар. Со тоа, дневната цена по километар се зголемува од досегашните 35 на 50 денари.

Надлежните уверуваат дека се воведуваат и мерки за спречување злоупотреби, преку задолжително баждарење на таксиметрите и иницијатива за јавно истакнување на ценовниците на возилата. Целта е да се зголеми транспарентноста и да се спречат практиките на договарање цени надвор од официјалните тарифи, кои, според дел од компаниите, негативно влијаат врз угледот на градот и туристичката понуда.

Со новите одлуки, Охрид влегува во период на поскапи услуги, додека јавноста останува поделена меѓу аргументите за економска нужност и стравувањата од дополнително влошување на животниот стандард

Back to top button
Close