Истражување: САД првпат со полош меѓународен имиџ од Русија

Глобалната перцепција за САД се влошува втора година по ред и сега е полоша дури и од ставовите за Русија, покажува годишното истражување за демократијата објавено денеска, додека политиките на американскиот претседател Доналд Трамп продолжуваат сериозно да го оптоваруваат НАТО-сојузот, пренесува Хина.

Фондацијата „Алијанса на демократиите“, со седиште во Данска, која го нарачала истражувањето, соопшти дека САД најчесто биле посочувани како одговор на прашањето која држава претставува најголема закана за светот, веднаш по Русија и Израел. Истражувањето не ги објаснува детално критериумите што биле користени, но Алијансата наведува дека нејзина цел е заштита и промоција на демократските вредности.

– Брзиот пад на перцепцијата за САД во светот е тажен, но не и шокантен – изјави основачот на Алијансата и поранешен генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. – Американската надворешна политика во изминатите 18 месеци, меѓу другото, ги доведе во прашање трансатлантските односи, воведе широко распространети царини и се закани со инвазија на територија на сојузник од НАТО – додаде тој.

Царините воведени од Трамп, неговите повторени закани за преземање на Гренланд, намалувањето на американската помош за Украина, како и американско-израелската војна против Иран и последователниот раст на цените на нафтата, сериозно ги нарушија трансатлантските односи.

Револтиран од одбивањето на европските држави да испратат свои морнарици за отворање на Ормуската Теснина за глобалниот поморски сообраќај по почетокот на војната против Иран, Трамп во април изјави дека размислува за повлекување од НАТО, што дополнително би го ослабело Сојузот.

Истражувањето „Индекс на перцепција за демократијата“, кое ги рангира ставовите за државите од минус 100 до плус 100 проценти, покажува дека нето-перцепцијата за САД паднала на минус 16 проценти, од плус 22 проценти пред две години. Со тоа, САД се рангирани зад Русија со минус 11 проценти и Кина со плус 7 проценти. Во извештајот не е наведена причината за позитивната перцепција за Кина.

Анкетната компанија „Нира дата“ (Neera Data) го спровела истражувањето меѓу 19 март и 21 април, врз основа на мислењата на повеќе од 94.000 испитаници од 98 држави. Перцепцијата за државите била мерена на примерок од 46.600 испитаници од 85 земји.

Извештајот е објавен во пресрет на Самитот за демократија во Копенхаген, кој ќе се одржи на 12 мај.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close