Трамп не ја исклучува можноста за испраќање американска делегација во Москва на разговори за војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање американска делегација во Москва на разговори за војната во Украина.
– Би го направил тоа ако мислам дека ќе помогне. Многу би сакал да видам крај на оваа војна, одговори Трамп на прашање на новинарите пред Белата куќа дали е подготвен да испрати преговарачи во Москва да разговараат за можно решение на конфликтот во Украина.
Тој не даде детали за можниот формат на разговорите или потенцијалниот состав на делегацијата, пренесува Укринформ.
Трамп, исто така, рече дека Москва и Киев планираат да извршат размена на затвореници во блиска иднина.
– Би сакал да видам да запре ова меѓу Русија и Украина. Ова е најлошото нешто од Втората светска војна во однос на човечките жртви – 25.000 млади војници секој месец. Ова е лудо, нагласи Трамп.
Главниот украински преговарач во мировниот процес, Рустем Умеров, минатата недела имаше средба со претставниците на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека засега не е планиран нов разговор меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.






