Папата Лав XIV ги осуди терористичките напади во Сахел

Папата Лав XIV денес ги осуди неодамнешните терористички напади извршени од џихадистички групи во регионот Сахел, особено во Мали и Чад, каде што загинаа десетици луѓе.

„Со загриженост ги примив информациите за зголемувањето на насилството во регионот Сахел, особено во Чад и Мали, како и за неодамнешните терористички напади“, изјави папата по молитвата „Регина Коели“ на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Тој порача дека се моли за жртвите и изрази солидарност со сите што страдаат.

„Се надевам дека сите форми на насилство ќе престанат и ги охрабрувам сите напори за мир и развој во овие сакани земји“, рече Лав XIV.

Во петокот, во џихадистички напади во централниот дел на Мали беа убиени повеќе десетици луѓе, соопштија безбедносни и локални извори.

Само неколку дена претходно, во истата област, напади за кои одговорност презеде џихадистичката група „Група за поддршка на исламот и муслиманите“ однесоа најмалку 30 жртви.

Во Чад, пак, групата Боко Харам минатата недела уби најмалку 26 војници, по што властите прогласија 20-дневна вонредна состојба во регионот на Езерото Чад.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close