Што сакаше да каже Муцунски?

Соња Крамарска

Епизодата со новата министерка за надворешни работи на Бугарија покажа дека македонската влада нема намера да гради добрососедски односи со источниот сосед. Нашиот шеф на дипломатијата одлучи наместо на надворешната политика на земјава, да даде предност на внатрешниот или поточно на партискиот интерес. Ги „нахрани“ своите гласачи со редовна доза патриотизам кој нема да ја одведе Македонија никаде.

Она што министерот Тимчо Муцунски заборава е дека не попусто второто име на надворешната политика е дипломатија. Тоа значи да ги оставиш емоциите на страна и да не му ги покажеш на соговорникот своите слаби страни. Да се покажеш во најдобро светло. Да дадеш предност на интересот на својата држава а не на својата партија. Да избереш зборови кои ако веќе мора да бидат остри да не излегуваат од рамката на дипломатскиот вокабулар.

 

Така функционираат големите дипломати. А малите се враќаат дома и од безбедна далечина пишуваат на Фејсбук пораки. Згора на тоа потсмевањето со зборот „средба“ не е никаква политичка умешност а може да го доведе министерот Муцунски во непријатна ситуација кога и самиот ќе се пофали за некоја „средба“ остварена во ходниците. Такви „средби“ нашите власти, и сегашните и претходните, имаат безброј и за нив не се воздржуваат да пишуваат цели фермани како соопштенија.

 

Освен тоа, каков шеф на дипломатија е тој што на јавна сцена ја изнесува својата фрустрација од друг дипломат. Писанието на Муцунски на Фејсбук во врска со изјавата на бугарската колешка не е сила, туку е слабост. Покажување на соговорникот дека се чувствува надитрен и надигран. Вистинска ас на дипломатија никогаш не би се спуштил на толку ниско ниво да исмева министер на друга држава со недоличен тон и недоличен речник.

 

Наместо дијалог кавга

Вешт дипломат знае и дека импровизацијата во надворешната политика секогаш се враќа како бумеранг. Големи политичари знаат дека големи битки се добиваат со студена глава, знаење, дипломатска умешност и пред сѐ непокажување емоции. А не што би рекол нашиот народ со трчање како прле пред магаре. Гласачите денес ќе го слават ова балканско јуначење но еден ден ќе го кудат, затоа што Македонија сѐ повеќе тоне во сопствената заблуда за начинот како да влезе во Европската унија.

 

Што сака да покаже официјално Скопје со такви испади? Ако во нешто има константа македонската влада од кога стапи на власт, тоа се изјавите дека сакаат да почнат дијалог со Бугарија. Да објаснат што им пречи и да ја кажат својата позиција во однос на уставните измени. Без оглед што и таквите изјави се создавање алиби пред домашната јавност дека Бугарија не ја пушта Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, реакцијата на Муцунски е во спротивност на тоа што го прокламираат за добрата волја да разговараат со Софија за пречките на нашиот европски пат. Неговиот настап не трасира пат за меѓусебно разбирање туку пат за натамошна конфронтација.

 

Писанието на Муцунски на Фејсбук ја промаши и главната поента на пораката што сакаше да ја испрати а тоа е дека употребата на терминот „северномакедонски“ е погрешно. За тоа министерот е целосно во право, но бугарската министерка не е прва а ни последна што прави таква грешка. Речиси да нема странски државник кој не ја направил таа грешка. Најчесто грешката е од јазични причини и влечење на логика од официјалното име на нашата држава „Република Северна Македонија“, и речиси секогаш е без омаловажувачки елемент.

 

Гаф или провокација?

Од друга страна треба да се каже дека Бугарија не е било која држава која првпат се среќава со Македонија, туку е наш прв сосед кој одблизу следеше како се коваше Преспанскиот договор и ја анализираше неговата содржина. Оттука, во право е македонската страна што ја коригира министерката за надворешни работи Велислава Петрова- Чамова за употребата на терминот „северномакедонски“. Министерката, ако самата не знаела требало да биде брифирана од соработниците дека оваа јазична кованица не е политички коректна ниту пак соодветствува на клаузулите од договорот за промена на името.

Самата министерка не така одамна беше и заменик министер за надворешни работи во кабинетот на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, и работа ѝ е да знае дека официјално Скопје е чувствително на зборот „северномакедонски“. Дека министерката не ги научила добро домашните и лекциите од надворешната политика доволно говори фактот дека таа во изјавата нашата земја ја нарече со старото име „Македонија“, што во нормални околности ќе наидеше на аплауз во владините кругови во Скопје.

Конечно, ајде да видиме и што кажа министерката на Бугарија во политичкиот дел од изјавата. Таа рече дека имале добра прва средба со Муцунски и порача дека Скопје треба да ги исполни обврските од преговарачката рамка од 2022 за да продолжи по европскиот пат. Рече дека од 2022 преговорите на Македонија со ЕУ не се билатерално прашање со Бугарија туку се прашање за дискусија меѓу Унијата и држава кандидат.

Овие ставови Македонија не ги слуша првпат туку се и ставови кои им ги кажуваат на премиерот, претседателката и министерот за надворешни работи сите странски функционери. Така што не е јасно што испровоцира толку бурна реакција на нашиот министер.(dw)

Back to top button
Close