Мицкоски: Заврши реконструкцијата на „8-ми Септември“, во салите веќе нема да се влегува со чадор
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на увидот во целосно реконструираните капацитети на ГОБ „8-ми Септември“, каде се обновени оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, лабораторијата и кровната конструкција. Мицкоски истакна дека по формалните процедури и дезинфекција, објектот ќе биде подготвен за прием на пациенти за околу два месеци.
Тој направи споредба со претходната состојба, нагласувајќи дека реконструкцијата на кровот била клучна за нормално функционирање на болницата.
„Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Сигурно ќе поставите прашањето: Како со чадор? Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше“, изјави премиерот Мицкоски.
Според него, по завршување на сите фази, македонското јавно здравство ќе располага со еден од најмодерните центри во регионот.
„Кога сето тоа ќе се заокружи, ќе ја добиеме целината којашто претставува навистина нешто модерно, современо и коешто во регионот не постои, без разлика дали станува збор за јавно или приватно здравство, и нешто за коешто ние треба, како граѓани, да се гордееме“, додаде тој.
Премиерот им се заблагодари на сите вклучени страни во проектот, вклучително и на менаџментот на болницата и на вработените за нивното трпение во процесот на обнова на објектот.







