Отворено писмо од самостојните уметници на Македонија до Министерството за култура


Со голема загриженост и со надеж за ваша медиумска поддршка, ви се обраќаме во врска со сериозниот и долгогодишен проблем со доцнењето на исплатите за придонеси за самостојните уметници во Македонија, се вели во соопштението од Самостојни уметници на Македонија што МИА го пренесува интегрално.

Во прилог ви го испраќаме нашето отворено писмо упатено до Министерството за култура и туризам и министерот Зоран Љутков, а поврзано со повеќемесечното доцнење на исплатите за 2026 година – проблем што, за жал, континуирано се повторува изминативе години.

Иако секоја година покажуваме трпение и разбирање, состојбата веќе станува неодржлива. Самостојните уметници повторно се доведени во ситуација сами да ги покриваат придонесите за да избегнат долгови, камати и прекин на здравственото осигурување.

Дополнително, секој од нас добива различни информации во врска со роковите за исплата на средствата, додека во меѓувреме се соочуваме со опомени, блокирани сметки (за што подоцна не добиваме обештетување) и неизвесност.

Имено, Конкурсот за доделување на месечни надоместоци за самостојни уметници, се распишува во Ноември, уредно се пријавуваме во рок , резултатите од непознати причини ги добиваме на крајот на месец Март (кога веќе се пристигнати првите опомени од УЈП за месец јануари и февруари), а пак првата исплата сè уште е неизвесна а веќе е месец Мај.

Самостојните уметници се приморани авансно да ги плаќаат трошоците кон УЈП – секоја година.

Ве молиме за медиумска поддршка и јавно отворање на ова прашање, со цел побрзо информирање на јавноста и добивање официјален одговор и решение од страна на надлежните институции.

Ви благодариме однапред за вниманието и поддршката.

Самостојни уметници на Македонија

Back to top button
Close