Алијанса на Села негира директни контакти за влез во власта

Засега немало директни контакти меѓу двете страни, уште помалку конкретна понуда Алијанса на Албанците предводена од Зијадин Села да стане нов владин партнер. Се се сведува на неформални разговори од типот „зошто не се приклучите со нас“во кои се испитува теренот од владејачката коалиција , првенствено од ВРЕДИ, колку има простор таа да се прошири со нов сојузник застапен во парламентот.

Ова за „Фокус’ го брифираат извори од Алијанса на Села како  еден вид реакција на ставовите од едниот од копретседателите на ВРЕДИ Билал Касами искажани синоќа во телевизиско интервју. Во него Касами рече дека има одредени сигнали дека Зијадин Села би можел да стане дел од Владата, но тоа би било под одредени услови.

„Постојат сигнали дека Зијадин Села би бил спремен да биде дел од Владата под одредени услови“, рече Билал Касами  за Зијадин Села, додавајќи дека го ценат неговиот интерес да се приклучи на мнозинствотo. Тој во истото интервју дополни и дека  не ја исклучува можноста за разговори со Села во одредени моменти.

Од партијата на Села за „Фокус“ велат дека условите што ги споменува Касами, а конкретно се однесува на уставните измени во кои ќе се најде место за формулацијата „албански јазик“ наместо „јазик што го зборува најмалку 20 отсто од населението“, потоа изборот на Влада и гласањето на одлуки во Уставниот суд задолжително да се прави со бадентер, всушност се нивни цели за реализација во политичкото дејствување. „За тие достигнувања се бориме секојдневно и во секаква ситуација и од нив не се откажуваме без разлика дали некогаш ќе бидеме дел од власта или ќе останеме во опозиција. Општо е познато дека Зијадин Села при секое учество во власта имал конкретни постигнувања – како што е законот за јазици, но и во рамките на опозициското дејствување преку конкретни потези со законот за државјанство, сме докажале дека водиме исправни политики“, велат од партијата на Села за „Фокус“.

Крилото на Алијанса предводено од Зијадин Села во моментов брои три пратеници – покрај Села, тука се уште Илире Даути и Елми Азири. Четвртиот – Илир Демири пред неколку месеци ги напушти – прво прокламирајќи се како независен пратеник. А, набргу потоа се приклучи во делот од Алијанса што партиципира во владејачката коалиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

извор фокус мк

Back to top button
Close