Законот што не доаѓа
Јелисавета Благојевиќ
Постои една реченица во серијата Ангели во Америка (Angels in America) што ги руши речиси сите вкоренети претстави за идентитетот. „Хомосексуалци“, вели Рој Кон кого во серијата го игра Ал Пачино, „не се мажи кои спијат со мажи. Хомосексуалци се оние кои за петнаесет години не успејаа да протнат ниту еден закон за антидискриминација.“ Таа реченица, колку и да е цинична, воведува една радикална инверзија: идентитетот не е прашање на интимност, туку прашање на моќ. Не е суштината во тоа што некој е, туку што може да направи во политичкиот простор.

Во таа смисла, она што денес се случува во Србија — третото одбивање законот за истополови заедници воопшто да се најде на дневен ред — не може да се сведе на политичка инертност или тактичко одложување. Овде не станува збор за закон што паднал. Станува збор за закон што не стигнува до точката до која би можел да биде одбиен. Таа разлика е клучна, затоа што да се одбие закон значи да се признае неговата политичка релевантност, додека да не се расправа за него значи да се суспендира самата можност тој да стане предмет на одлука — а со тоа и секоја политичка одговорност за таа одлука.
Со други зборови, она што се произведува не е забрана, туку состојба на трајна одложеност. Таа одложеност не е празна, ниту е неутрална. Таа е начин на владеење. Додека законот не постои, постои простор во кој одредени животи остануваат надвор од правната рамка — но не како јасно исклучени, туку како непрестајно одложени. Тие не се забранети; тие се постојано „следни“, секогаш на работ на признание, но никогаш во неговото средиште. Да се живее во таков режим значи да се живее во време што никогаш не доаѓа: во секојдневие во кое правата не се оспоруваат отворено, но никогаш и не се појавуваат како реални.
Политичкото чекање овде не е пасивна состојба, туку техника на управување со времето: начин нешто да се одржува во постојана потенцијалност, без ризик да стане стварност, затоа што стварноста бара одлука, а одлуката произведува последици.
Одложувањето, напротив, овозможува последиците бесконечно да се одложуваат заедно со одлуката, создавајќи процес што нема крај и што токму во таа бесконечност ја покажува својата функционалност. Затоа проблемот не е едноставно отсуството на закон, туку создавањето на една специфична политичка реалност во која законот постои како нацрт, ветување и тема, но не и како правен факт — како нешто што постојано доаѓа, но никогаш не пристигнува.
Во тоа движење без доаѓање се формира и одреден тип политички субјект — оној чиј живот бара закон, но кој истовремено останува заробен во режим во кој тој барање постојано се одложува.
Токму тука формулата на Кон го добива своето полно значење. Ако идентитетот е врзан за односот кон законот, тогаш отсуството на закон не произведува празнина, туку го обликува субјектот како трајно недовршен, како оној што постои во однос на нешто што постојано му се измолкнува. Идентитетот не се формира и покрај тоа отсуство, туку низ него: како ефект на еден темпорален режим во кој признанието постојано се ветува, но никогаш не се довршува.
Прашањето затоа не е само кога законот ќе биде усвоен, туку што се произведува додека не е.
Затоа што во тој меѓупростор — помеѓу ветувањето и неговата реализација — се формира живот што е истовремено видлив и незаштитен, признаен како тема, но не и како носител на права, вклучен во јавниот говор, но исклучен од неговите материјални последици. Тоа е простор во кој власта не функционира преку забрана, туку преку управување со времето, не преку одлука, туку преку нејзино бесконечно одложување.
Во таа смисла, Рој Кон е во право на начин на кој не сака да биде: не е суштината во идентитетот како таков, туку во тоа дали твојот живот бара закон — и дали тој закон некогаш доаѓа. Во Србија, тој веќе третпат не стигна ни до точката на која би можел да биде одбиен. И токму затоа неговото отсуство не делува како празнина, туку како структура — како облик на власт што не почива на тоа нешто да забрани, туку на тоа никогаш да не одлучи, затоа што токму таа состојба, состојбата без одлука, е онаа што најмногу ѝ одговара.
Превод: Лени Фрчкоска






