Хрватската полиција објави фотографија од убиецот на 19 годишниот доставувач на пица

Полицијата објави фотографија од Кристијан Алексиќ, роден 1976 година, по кого во Хрватска интензивно се трага од синоќа. Тој е осомничен за убиство на 19-годишен доставувач на пица вчера околу 23:05 часот во градот Дрниш.
Полицијата ги предупредува граѓаните да не му се приближуваат ако го видат.
„Ги предупредуваме граѓаните, доколку наидат на Кристијан Алексиќ, да не му се приближуваат бидејќи е опасно лице и веројатно е вооружен со огнено оружје. Во тој случај, засолнете се и веднаш јавете се на 192“, соопштија од полицијата.
Граѓаните кои имаат корисни информации се замолени од полицијата да ги пријават на бројот 192, во најблиската полициска станица или на е-поштата [email protected].
Алексиќ го убил младиот доставувач на терасата од неговата семејна куќа, каде што испукал неколку истрели кон него од огнено оружје.
Полицијата го блокираше поширокото подрачје на Дрниш во потрага по бегалецот.
Се претпоставува дека Алексиќ се засолнил во густо пошумена област, поради што областа се пребарува со помош на беспилотни летала, објави „Слободна Далмација“.
Извор: fokus.mk






