Јавна критика од ГО СДСМ до градоначалникот на Скопје Орце Ѓоргиевски

Претседателот на Градската организација на СДСМ во Скопје, Александар Давчевски, денес на прес-конференција упати јавна критика за работата на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски.
Според Давчевски, градот е запоставен и не се реализира ветеното мото „72 часа чисто Скопје“, најавено од градоначалникот Ѓоргиевски.
-Поминаа над 172 дена од таа наводна „нова ера“, а Скопје е повторно затрупано во ѓубре и претворено во еколошка депонија. Преполните контејнери се доказ дека тимот е тотално неспособен и дека комуналната хигиена колабираше, посочи во својата изјава Давчевски, упатена до скопскиот градоначалник Ѓоргиевски.
Во изјава за медиумите, претседателот на ГО СДСМ Александар Давчевски потсети на постапката за изградба на новиот Луна парк во градот што треба да ја врши фирмата „Мастеф“, за набавката на 150 електрични автобуси во Скопје, како и за изградбата на мостот „Михајло Апостолски“ во главниот град.
-Луѓето бараат одговори за хаосот и наместо ароганција, одговорност за предизвиканиот хаос, посочи меѓу другото Давчевски на денешната прес конференција во Скопје.






