Левица: Новото задолжување е доказ за испразнетата државна каса

Новото задолжување од 260 милиони евра кое Владата на Христијан Мицкоски се обидува да го претстави како „финансиски успех“, всушност е уште еден доказ дека државната каса е испразнета од расипничко, нетранспарентно и неодговорно работење, велат во објава на социјалните мрежи од политичката партија Левица.
– Додека министерката за финансии зборува за „доверба на меѓународните пазари“, граѓаните треба да знаат дека ова не е евтин кредит, туку скапо комерцијално задолжување со огромни ризици и вкупни трошоци од над 25,6%!
Македонија денес зема 260 милиони евра, а ќе враќа над 326 милиони евра. Само за камати и провизии граѓаните ќе платат над 66 милиони евра повеќе. Тоа е цената на неспособноста на оваа власт.
Кредитот е врзан со варијабилна каматна стапка – 6M ЕУРИБОР плус 2,1% маргина – што значи дека со секој нов инфлациски шок, со секое зголемување на каматите од Европската централна банка и со секоја нова глобална економска нестабилност, ќе расте и долгот на Македонија. Дополнително, Владата веднаш плаќа и 3,64 милиони евра ЕДНОКРАТНА ПРОВИЗИЈА само за да може да се задолжи. Наместо поволни развојни кредити, власта зема скап комерцијален долг кој ќе го плаќаат идните генерации!
Ова задолжување е уште еден доказ дека Владата нема економска стратегија, НЕМА РАЗВОЕН ПЛАН и нема визија каде се движи државата. Исто како и со т.н. унгарски кредит, парите повторно ќе се трошат нетранспарентно, без јасна намена и без реална додадена вредност за граѓаните и економијата. Нема нови производствени капацитети, нема структурни инвестиции, нема долгорочни развојни проекти. Има само нови долгови, нови камати и нов товар врз грбот на народот.
Левица предупредува дека Македонија се турка во ОПАСЕН ЦИКЛУС на постојано задолжување за покривање на буџетски дупки создадени од неспособно и расипничко владеење. Наместо економија што создава вредност, добиваме власт што создава долгови, соопштија од Левица.






