По најавата за собир за Вучиќ во Куманово, Мицкоски порача: „Не поддржувам надворешно мешање“

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не поддржува никакво надворешно мешање во внатрешните политики на Македонија, коментирајќи го најавениот собир во Куманово за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ.
На новинарско прашање дали собирот го смета за мешање во внатрешните работи на државата, како што обвинува опозицијата, Мицкоски одговори:
„Апсолутно. Не поддржувам било какво надворешно мешање врз внатрешните политики во Македонија.“
Тој додаде дека вакви случаи имало и претходно.
„Како што тоа беше случај пред некој ден“, рече Мицкоски, мислејќи на протестите за правосуден испит да се полага на албански, на кој дојдоа лица од Косово и Албанија.
Премиерот порача и дека Владата нема намера да се меша во внатрешните политики на други држави.
„Но исто така, ние како Влада апсолутно немаме намера, ниту пледираме, ниту некогаш сме се мешале во внатрешните и независни политики на било која држава“, изјави Мицкоски.
Претходно, на социјалните мрежи беше објавен повик за „народен собир“ во Куманово на 23 мај, пред Српскиот конзулат, под слоганот „Србија победува“, со поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ. На плакатите стои порака: „Дојдете да ја поддржиме нашата матица, нашиот претседател, нашата иднина“.






