Претседателскиот Кабинет без реакција за наводната шпионска афера – Телма дознава дека сомнителниот ИТ администратор е суспендиран додека трае истрагата


Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова засега нема реакција за предистрагата за наводна шпионска афера во нејзиниот кабинет.

Предистрагата е отворена по кривична пријава лани во декември, кога Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) добило известување од МВР дека информатички техничар вработен во кабинетот копирал и прибирал информации од компјутерскиот систем.

Обвинителството тврди дека прво имале проблеми во предистрагата, бидејќи кабинетот не им ги доставувал снимките од безбедносните камери, а потоа тие биле преземни од МВР. ОЈОГОКК информираше дека речиси два месеца чека одговор од МВР за вештачења на одземените компјутери, мобилни телефони и дигитални уреди.

Министерството за внатрешни работи, пак, одговори дека сè уште се вршат вештачења, а се извршени и службени разговори со вработени во кабинетот. Според сознанија на Телма, службеникот за кого се води постапката е отстранет од работното место додека трае истрагата.

Постапката е во фаза на предистрага, а случајот го води обвинителката Катерина Коларевиќ која изминатите денови беше актуелна, откако ја затвори истрагата за мазутот во која осомничени беа фирмата РКМ, нејзиниот сопственик Ратко Капушевски, сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, избеганиот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и 10 други лица.

Back to top button
Close