Пивоваров за аферата „шпиони“ за Локално : Претседателката не е безбедна. Да се свика советот за безбедност
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка по наводите за шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Од Министерството за внатрешни работи и од Вила Водно биле побарани документација и компјутери кои ќе се проверуваат. Сепак, како што информираат OЈО ГОКК, иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од МВР резултатите од бараните вештачења. Денеска од ОЈО ГОКК споделија информации во кои даваат објаснувања за почетокот на постапката. Во нив се наведени чекорите преземени во рамките на предистрагата и комуникацијата со институциите од кои биле барани материјали за вештачење.
Инаку, Обвинителството почнало предистрага по добиена анонимна кривична пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, за сомнежи за преземање податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката. Според пријавата, се копирале и енкриптирале податоци, т.е. се шифрирале во таен код за наводно да завршат кај разузнавачки служби во странство. Под сомнение е ИТ-администратор во претседателскиот кабинет, кој наводно бил поврзан со странска разузнавачка служба.
Според поранешниот национален координатор за гранично управување и професор по безбедност, Владимир Пивоваров, треба сериозно да ја разгледаме ситуацијата. Вели дека вербалните докази се тие кои треба да се поткрепат со материјалните.
-Убаво пишува дека МВР добило наредба од обвинителот да изврши вештачење на мобилни телефони, компјутер, енкриптери…така да после тоа можеме нешто конкретно да зборуваме. Доколку постои ваков настан е срам за безбедносниот систем и жално е што за државата, вакви афери се провлекуваат уште од 99-та година со користење на техничка средства за политички и разузнавачки цели. Мора да се состане Советот за безбедност. Зошто е тој? Ако имало нешто, во најмала рака, Советот требаше да оддржи седница на која ќе имаше конкретни информации. Јавноста е сериозно загрижена, вели Пивоваров за „Локално“.
Фото: Фејсбук профил на Владимир Пивоваров
Според него, доколку ова се случува во највисоката државна институција како Кабинетот на претседателката, тогаш што останува во пониските структури.
-Не знам до кога ќе имаме афера врз афера, тоа се голта, времето минува и пак продолжуваме по старо. Мора да се стави крај на ваквите нешта засекогаш односно политичарите треба да сфатат дека безбедносните служби се државни институции. Вака ако продолжиме не знам каде би стигнале. Сепак, ние сме партнер во најсилната Воена алијанса и таму не сме сами да правиме што сакаме и како сакаме. Какво гледање и размислување ќе имаат тие луѓе кон нас, предупредува соговорникот за нашите обврски како полноправна членка на НАТО.
Пивоваров е дециден дека сите разузнавачки служби си гледаат интерес на својата држава и нормално е дека тие имаат намера да продрат во мекото ткиво онаму каде што може да го добијат тоа што е потребно, како разузнавачките информации што ги примаме како членка на НАТО.
–






