Финансиската полиција поднесе кривична пријава против градоначалникот на Врапчиште 

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гостивар против лице И.Ш., во својство на градоначалник на Општина Врапчиште, поради сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, согласно член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Според пријавата, И.Ш. во текот на 2025 година ги пречекорил границите на своите службени овластувања и постапил спротивно на Законот за јавни набавки, со тоа што склучил договор за изведба на градежни работи – реконструкција на локален пат во Добридол, од центарот на селото до спој со сервисниот пат покрај државниот пат А2, делница Тетово – Гостивар, без да ја почека конечната одлука по поднесена жалба пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Како што се наведува, и покрај тоа што Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништила одлуката за избор на најповолен понудувач, градоначалникот извршил плаќање кон избраното правно лице врз основа на веќе склучениот договор.

Со тие дејствија, според истрагата, на правното лице му била овозможена противправна имотна корист во износ од 11.848.675 денари.

 

Back to top button
Close