ДУИ: Недим Рама криел сопственост во ИТ-компанија и наплаќал од Општина Чаир додека бил вработен во неа

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со нови тврдења за, како што велат, скриен имот и судир на интереси на Недим Рама, соработник на Изет Меџити. Според партијата, Рама не пријавил сопственост во фирма и остварувал приходи од институции каде што истовремено работел.

„Во денешниот случај откриваме дека до неодамна Недим Рама и лицето Џелал Зендели беа сопственици на компанијата ХОСТМК ЛТД ДОО Скопје, која се занимава со ИТ-услуги и хостинг на веб-страници. Низ годините оваа фирма има десетици исплати од училишта, национални установи и општини за одржување на нивните веб-страници“се вели во денешното соопштение од ДУИ.

Според нивните податоци, во јули 2023 година фирмата добила исплата од 70 446 денари од Општина Чаир во период кога Рама бил вработен токму во оваа општина.

Приходи преку фирмата се остварувале и додека тој ја извршувал функцијата директор на НОМАГАС.

Од партијата нагласуваат дека Рама не пријавил никаков имот во Државната комисија за спречување корупција.

Во соопштението се наведува дека во почетокот на април оваа година Рама и Зендели поднеле барање до Централниот регистар за промена на името на фирмата и бришење на нивната сопственост.

Пријавата, додаваат од ДУИ, била одобрена на 4 мај од кога компанијата ХОСТМК ЛТД е преименувана во ДРИВЕ РЕНТ ДОО СКОПЈЕ.

Како нов сопственик се јавува лицето Сунај Азири, за кого ДУИ тврди дека е близок до опкружувањето на Изет Меџити.

Од ДУИ велат дека и покрај промените, седиштето на фирмата останува на истата адреса која претходно била наведена од сопствениците Недим Рама и Зендели.

„Сигурно се прашувате зошто една ИТ-компанија би го променила името во ДРИВЕ РЕНТ, чиј назив логички личи на изнајмување на автомобили? Го повикуваме Недим Рама да одговори“додаваат од ДУИ.

Од ДУИ упатија јавен повик до ДКСК и надлежните истражни органи веднаш да отворат постапка за евидентен судир на интереси и криење имот. Тие бараат кривична и морална одговорност за, како што велат, секој денар исплатен од џебот на граѓаните.

Од ДУИ и вчера го обвинија Недим Рама, актуелен директор на државната компанија „Номагас“, тврдејќи дека тој повеќе од четири месеци одбива да поднесе анкетен лист за неговата имотна состојба до Антикорупциската комисија (ДКСК).

Back to top button
Close