Петмина обвинители во трката за шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје
Откако пред два месеци пропадна изборот на шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, сега повторно е објавена листата на пријавени кандидати. За разлика од првиот пат, кога имаше пријавени седум кандидати, сега листата е составена од петмина.

Пријавени се обвинителите Енѓелуше Кадриу Леши, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Јасмина Костеска Здравеска, како и Теута Бедиу Рамадани.
Сите пријавени кандидати се со долгогодишни обвинителски кариери. Обвинителката Кадриу Леши е обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, која од неодама во работа го доби предметот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Фетаи е виш јавен обвинител, како и поранешен кадар на СЈО. Таа конкурираше и на претходниот оглас, како и нејзиниот колега, вишиот обвинител Ајро. Костеска Здравеска доаѓа од републичкото јавно обвинителство, а Бедиу Рамадани е шефица на кумановското обвинителство.
Наскоро Советот на јавните обвинители ќе треба и да ја закаже седницата за избор.
Во моментов функцијата вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство ја извршува Наташа Крстевска Цалева, која беше назначена неколку месеци по суспензијата на долгогодишниот шеф на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи.






