Полицаец се претставувал службено без да е на должност за да поништи казна за паркирање на својот брат
Министерство за внатрешни работи информира дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава до Основно јавно обвинителство Битола против И.Д. поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според информациите, пријавениот, вработен како помлад полицаец во Полициска станица Битола, на 25 март годинава, во период кога не бил работно ангажиран, отишол во просториите на јавното претпријатие за паркирање и јавен превоз во Битола и се претставил како полициски службеник.
Тој поднел барање за поништување на налог за наплата за нерегуларно паркирање на автомобил „ауди“, сопственост на неговиот брат, при што во образложението своерачно напишал „МВР“, со што сакал да прикаже дека возилото е службено.
Од МВР посочуваат дека со тоа се обидел да ги доведе во заблуда вработените во јавното претпријатие за да избегне плаќање на казната
Против И.Д. ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност.






