Америка нема повторно да не спасува

Денко Малески

Можеби главната порака на Америка до балканските па и до македонските политичари во документот на Стејт департментот наречен „Политика на САД за промовирање стабилност и просперитет на Зпаден Балкан“ е самите да го превземат товарот за својата иднина без очекувања на постојан американски надзор и „спасување“.

Да, токму тоа е зборот кој се употребува. Ме потсети на нашите почетоци како независна држава, кога американските соговорници ми порачуваа да водиме умна мирољубива политика и да не очекуваме , како во старите добри каубојски филмови, америкасната коњица да не спаси на крајот од филмот. Во новообјавениот документ на „Стејт“,  пишува дека е завршена  ерата на создавање на нови држави и на ангажманот на Америка во нивното градење (state building ).

Администрацијата на Трам врти нов лист. Идната соработка со Америка , разбираме, ќе биде економска преку развој на трговските односи и безбедносна, преку НАТО. Се разбира,во најдобар случај, тоа би било едно реформирано НАТО во кое европските држави, а не Америка,ќе  го носат финансискиот товар за својата безбедност. За најлошото сценарио, распадот на НАТО, нема да пишувам сега. Но, она што ме замисли е фактот дека никаде во документот не се спомнува ЕУ. Кисинџер, во една прилика, изјави дека ќе биде погубно за Европа ако Америка ја повлече својата поддршка за европскиот проект и ако ја почне класичната игра на една европска држава против друга.

Дали Американците ќе одат дотаму останува да се види.Во Трамповата Сратегија за национална безбеднот, објавен пред повеќе месеци, најважниот стратешки партнер цели 80 години – Европа, се најде долу на листатана по значење за Америка. Всушност, подвлекувајќи ги на едно место несогласувањата со Брисел,  документот зборува за американски „отпор кон сегашната европска политичка стратегија“. Овие несогласувања беа  експлицитно потврдени и во говорот на потпретседателот Венс на Минхенската безбедносна конференција кој отворено ги подржа центрифугалните сили во ЕУ.  Се на се, не цветааат ружи  меѓу Америка и Европа и нивните односи стануваа многу комплицирани. Прави ли некој анализи за тоа во Скопје? Погодете од прв пат.

За мали држави каква што е Северна Македонија, фактот дека слабее американското влијание и дека примарната грижа за Балканот е задача на Европа,  е голем потрес и промена која носи неизвесност. Европа, имено, се колеба дали да преговара со Русија, кој да ја застапува, со какви ставови да седне на преговрачката маса, а камоли да гаси ненаков нов воен пожар на Балканот со сдвоја непостоечка војска. Сето ова би требало да не загрижи сите нас во Македонија, особено сегашната власт која е приморана да ги стави „сите јајца“ во кошницата на Трамп. Се разбира, НАТО и ЕУ сеуште остануваат многу важни за нас, но довчерашните безбедносни гаранции од Америка се ослабени. Ако продолжи тој тренд на слабеење на врските меѓу Америка и Европа а ние останеме надвор од европскиот сојуз тешко е да се замисли како една толку мала држава како нашата би знаела и умеела успешно да балансира меѓу големите сили во еден мултиполарен свет. Дури тогаш, нашите сегашни и идни поилитичари би разбрале што значи да водиш држава и да одлучуваш за војна и мир. Во тој контекст, ќе зажалиме за времето на хегемонскиот мир на Америка кој траеше од почетокот на деведесеттите до некаде 2014.

Во еден свет во кој меѓународното право стана, безмалку, ирелевантно и кој е на прагот на Трета светска војна, гласачите во Македонија, понесени од своите национални емоции , застанаа зад политичката алтернатива која одбива да ги прифати горките  реалност на светската политика и да бара решенија преку компромиси. Иако сите наши државни успеси од минатото се плод на таквата политика, таа е прогласена за предавничка. Сега, власта е исправена пред невозможната задача да му покаже на народот дека постои и поинаков пат за малите  држави.Нема поинаков пат. За малите држави единствениот пат за нивен опстанок е дипломатија и комппромиси.Така е тоа во анархичниот меѓународен систем: големите сили влијаат врз целиот свет, регионалните врз својот регион а малите држави имаат само една задача – да опстанат. Како да опстанеме ако не се согласуваме со ЕУ а Америка ни вели дека нема повторно да не спасува? Политичарите да стават прст на чело врз оваа реченица од најновиот документ на Стејт Департментот:„Ерата на американското градење држави заврши. Американската политика на Западниот Балкан повеќе не е насочена кон спасување или реконструкција туку кон стабилност и заемно корисни партнерства“.

Ќе не остават да пропаднеме ако сами не си ги решиме проблемите? Да. Лесно ми е да замислам дека, на меѓународен план, Доналд Трамп би го направил истото она што дома, во една прилика, го направи Роналд Реган. На  демонстрант со високо крената парола на која пишува„Немам што да јадам“, претседателот Реган му довикна :„Умри!“. Истото ќе ни го сторат и Америка и Европа ако не престанеме да се жалиме на направдите  и не се зафатиме со решавање на нашите проблеми. Сакам да видам македонски политичари кои копаат „на небо и на земја“за решенија, а не да му се жалат на народот дека нешто е невозможно.

Back to top button
Close