Македонија на крстопат-време е да ја вратиме државата
Македонија е на крстопат. Сите ние, нејзините граѓани, треба да ја спасиме од иселување, корупција и безпаќе. Секоја крстосница води кон повеќе правци и крајно време е да го избереме најдобриот. Кога политиката води кон исчезнување на државата, ние граѓаните мора да ја вратиме. Македонија ќе опстане само ако ја ставиме над партиите, правдата над интересот и иднината над стравот. Со заеднички сили да ги надминеме сите ќорсокаци. Народот пред партиите, а државата пред интересите.

Почитувани граѓани, ова не е само моја идеја. Ова е повик до сите што чувствуваат дека Македонија заслужува подобро, поправедно и подостоинствено утре. Време е за политички субјект, без партиски и лични интереси.
Не тврдам дека го имам единствениот одговор, но верувам дека молчењето повеќе не е опција. Ако сакаме нашите деца и внуци да останат крај прадедовското огниште, мора денес да ја започнеме борбата за држава во која ќе вреди да се живее. Македонија е буквално распната на крстопат. Едниот пат води кон апатија, иселување и исчезнување. Другиот води кон правда, работа и нова надеж. Изборот е наш. Јас го избирам патот на борбата, вистината и надежта. Ги повикувам сите што ја сакаат Македонија да размислат, да се вклучат и да дадат свој придонес. Патриотизмот треба да ни биде обврска, а не парола. Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?
Моите длабоко патриотски чувства ги препознавам кај многумина мои сограѓани. Евидентно е дека Македонија не врви по вистинскиот пат кон нејзиниот натамошен опстанок. Ние граѓаните не можеме да видиме светла иднина, не можеме да препознаеме лојалност кон нашата матична држава. Македонија денес не страда од недостиг на партии и политички субјекти, страда од недостиг на визија, чест и одговорност.
Поединец сум чијашто љубов кон татковина е докажана преку дела. Мојата слободоумност во размислување за сето она што ни се случува во денешна Македонија, ме доведе до степен постојано да се трудам да давам конкретни предлози и идеи за можен излез од овој државен колапс, ќорсокак.
Масовното заминување на младата популација од нашата татковина е најголемата загуба на нашиот државен капитал. Тоа е токму популацијата која треба да го води севкупниот развој на нашата татковина и уште поважно, да репродуцира нови поколенија кои ќе ја креираат иднината на нашата земја. Најголемата загуба не се празните буџети, туку празните домови од кои си заминуваат младите, се иселува иднината. Ниту една држава не може да преживее ако најспособните си заминуваат, а најнеодговорните ја водат.
Македонија е кревка држава со многу слаба економија. За креирање на моќна држава и среќни граѓани мора економијата да се подигне на високо ниво, буквална на пиедестал. Од таква позиција и перспектива иднина самите ќе си ја креираме. За нашиот опстанок како држава граѓаните треба да се потрудат.
Плурализмот како најсовремен политички систем во нашата Македонија ги покажа најлошите перформанси. Изминатите 35 години, водечките политички партии СДСМ и ВМРО не оформија вистинска визија во правецот каде треба да се развива нашата Македонија. Патриотизмот не е само знаме во рака, туку многу работа, жртва, чесност и посветеност за доброто на сите граѓани. Нас ни треба политика која ќе создава силна економија , а не политика што создава зависни сограѓани.
Ваквата визија е несомнено сериозен проект, бидејќи ги зафаќа сите сегменти во нашето општествено живеење како што се: економија, култура, уметност, спорт, музика и др.
Моја констатација е дека во ниту една политичка партија не согледав стамени личности со искуство и знаење како да ја подигнат базичната економија во државата, на која понатаму ќе се темелат сите останати сегменти од нашето секојдневие. Нас ни треба политика која ќе создава силна економија , а не политика што создава зависни сограѓани.
За денешната состојба и јас лично чувствувам вина, бидејќи сум можел во некои дамнешни времиња да влијаам за да се променат нештата во нашата држава. Да се биде политичар е највисок дострел на секој поединец кој треба да биде наоружан со знаење од економијата, културата, спортот, уметноста, музиката и уште побитно дипломатија.
Во изминатите 35 години на врвни позиции изнедривме луѓе кои повеќе работеа за сопствени и партиските интереси, а не за интересите на целата заедница во нашата држава, затоа денес владее криминалот и корупцијата и апатијата меѓу нас граѓаните дека нашата Македонија се движи кон исчезнување.
Моето животно искуство и мојот карактерно всадени непокор кога е во прашање вистината, а уште побитно и иднината на нашата татковина и нашите поколенија, ме ставија во состојба да размислувам за создавање на нов политички субјект. Политичка партија без национално и верско обележје, со членови кои ја сакаат својата татковина и желба да ја градат иднината на нашата земја
Партијата ќе биде составена од членови на возраст од полнолетство со неограничен век на старост. Ги повикувам сите искусни и неискусни мои сограѓани кои имаат желба Македонија да опстои како држава во која ќе создадеме иднина за нашите поколенија, да размислат и да се приклучат кон ваквата моја визија. Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку повик за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист.
Правото и правдата мора да завладеат во државата. При мртва правда надежта умира. Економијата мора да биде најсилниот сегмент и приоритет на оваа политичка партија. Дипломатијата ќе добие најсилна поддршка за создавање авторитет на држава во очите на светската јавност, а останатите институции во областа на уметноста, културата, спортот и музиката ќе бидат масовно поддржани, бидејќи токму тие заедно со дипломатијата ќе ја промовираат нашата држава во очите на светската заедница.
Почитувани читатели, размислете и одлучете.
Можеби во моментов сум еден од многуте како вас кои си ја сакаат татковината и сакаат своите поколенија да останата крај нашето прадедовско огниште. Прифаќам секаква сугестија која ќе овозможи вистински приод за решавање на фундаменталните прашања врзани за нашата држава.
Ве молам во Inbox на Fan Page страната „Човекот пред се„ оставете ваши коментари и сугестии за оваа моја идеја.Убеден сум дека ќе бидам нападнат од сите политички субјекти во земјава, меѓутоа сакам да ми верувате дека сум вистински патриот кој со дела ја покажал својата љубов кон татковината.
Кујните во политичките партии ќе отворат фронт против нас на сите социјални мрежи.
Бидете убедени, ако имаме верба во себе со знаење и искуство можеби ќе дојдеме до состојба да ги промениме нештата во нашата татковина.
Не сум единствениот кој ја бара правдата во својата татковина. Не има со илјадници во земјава. Не очекувам правдата да ми го врати тоа што го заслужувам, меѓутоа ќе се борам да таа биде секојдневие во нашето живеење, посебно за идните генерациите .
Време е ние граѓаните да престанеме да бидеме публика која ја гледа пропаста на својата земја. Треба да станеме двигатели на промените за правилниот избор од крстопатот на саканата Македонија.
Политичките кујни можат да напаѓаат, но не можат да ја уништат вистината ако таа живее во нас.
Благодарам до порталот Либертас што изминатите 6 години ми овозможи да ги објавувам моите колумни за моите лични погледи каде се движи нашата Македонија.






