„Денес истекува рокот за исполнување на Реформската агенда – уште една лага на Мицкоски“, велат од СДСМ

СДСМ преку соопштение обвини дека денеска истекува рокот што, според нив, самиот премиер Христијан Мицкоски го поставил за исполнување на десетте точки од Реформската агенда, оценувајќи дека станува збор за уште едно неисполнето ветување.

Од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт со ветувања за враќање на уставното име, укинување на Преспанскиот договор, подобри услови во евроинтегративниот процес, повеќе странски инвестиции и подобар животен стандард за граѓаните.

Според СДСМ, ниту едно од овие ветувања не е реализирано. Тие посочуваат дека власта признала дека нема да го врати старото име на државата, додека Преспанскиот договор останува на сила.

Во партиското соопштение се наведува и дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврдила дека македонскиот јазик, културата и идентитетот се заштитени, а министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оценил дека членството во НАТО придонесува за подобра инвестициона клима.

СДСМ тврди дека странските инвестиции бележат пад од 60 проценти, економската состојба е влошена, минималната плата не е зголемена, а инфлацијата останува висока.

„Не го вратија името, не го укинаа Преспанскиот договор, создадоа конфликти со соседите и не исполнија ниту еден услов. Доста е со лагите“, порачаа од СДСМ.

Партијата повика на распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за иднината на државата, барајќи забрзани реформи, внесување на малцинствата во Уставот и продолжување на европскиот интеграциски процес.

Back to top button
Close