Казни до 200.000 евра за нефер трговски практики
Се подготвуваат построги санкции за компаниите што применуваат нефер трговски практики, а максималните казни би можеле да достигнат и до 200.000 евра.

Вакви измени на Законот за нефер трговски практики најавуваат од Министерството за економија и труд, со цел подобра заштита на производителите и добавувачите. Од Министерството посочуваат дека досегашната примена на законот покажала одредени слабости што им овозможуваат на дел од пазарните учесници да ги заобиколуваат прописите преку различни договорни механизми и деловни практики.
Целта на измените е да се обезбеди посилна заштита на производителите и добавувачите, особено во секторот на храна и земјоделски производи, каде што најчесто се јавуваат спорови со големите трговски синџири околу условите за соработка.
Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, досега биле отворени околу 45 постапки за непочитување на законските одредби, а за утврдените прекршоци биле изречени казни во вкупна вредност од приближно 200.000 евра. Со новите законски решенија се очекува да се намали можноста за злоупотреба на доминантната пазарна позиција и да се воведат поефикасни механизми за контрола на договорните односи меѓу трговците и нивните деловни партнери.
Покрај измените на законот, Министерството најавува и нов пакет мерки за вработување. Фокусот ќе биде ставен на младите до 29 години, невработените лица, ранливите категории граѓани, како и на оние што планираат да започнат сопствен бизнис или да се вратат од странство. Од институциите велат дека целта е паралелно да се создаде поправедна пазарна средина и да се поттикнат економскиот развој и вработувањето.





