„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума светската премиера ќе ја има на фестивалот на Роберт Де Ниро
Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, чиј автор е режисерката Дина Дума, својата светска премиера ќе ја има на „Трибека фестивал“ (Tribeca Festival) во Њујорк, еден од најзначајните филмски фестивали во Соединетите Американски Држави (САД), каде еден од од основачите е актерот Роберт Де Ниро, соопштија денеска од продукцијата на филмот.

Фестивалот, кој настана како културен одговор на нападите на 11 септеври 2001 година и е препознатлив по современиот независен филм, нови авториски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија, ќе се одржи од 3 до 14 јуни.
Филмот на Дина Дума е селектиран во категоријата International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот, со што „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ќе биде претставен пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори, велат од продукцијата.
Опишувајќи го филмот, оттаму велат дека главна хероина е Адела, зад чија приказна стои слика што режисерката Дума ја забележала во Скопје – девојче на скејтборд, облечено во традиционални шалвари – момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила.
„Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет. Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе“,велат од продукцијата.

Инаку, ова е втор филм на Дина Дума, која со својето прво авторско дело, „Сестри“ оствари извонреден успех и се најде во изборот на најголемата платформа за филмови „Нетфликс“.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, Креатив јуроп медиа (Creative Europe MEDIA) и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.






