ВРЕДИ со обвинувања кон поранешниот министер за правда за правосудниот испит

Од коалицијата ВРЕДИ упатија остри критики кон поранешниот министер за правда Билен Салији, обвинувајќи го дека за време на неговиот мандат не презел конкретни чекори за решавање на прашањето со полагањето на правосудниот испит на албански јазик.

Во партиското соопштение се наведува дека во изминатите години Министерството за правда било раководено од повеќе кадри на ДУИ, но според ВРЕДИ, ниту еден од нив не успеал да обезбеди системско решение за ова прашање.

Од ВРЕДИ тврдат дека Салији не оставил значајни резултати во правосудството и дека не е запаметен по реформи кои директно би биле во интерес на граѓаните, студентите и идните правници. Воедно потсетуваат и на неговото заминување од министерската функција по случајот со малиот Алмир, што тогаш беше претставено како морален чин.

Според нив, и по напуштањето на министерската позиција, Салији продолжил да извршува јавни функции, но без конкретни резултати зад себе.

„Билен Салији треба да одговори зошто, додека беше министер за правда, правосудниот испит не се полагаше на албански јазик и зошто ова прашање не беше придвижено ниту за еден чекор“, наведуваат од ВРЕДИ.

Од коалицијата оценуваат дека на албанските студенти и идни правници им се потребни конкретни решенија, а не политички декларации, најавувајќи дека прашањето за правосудниот испит на албански јазик ќе биде меѓу нивните приоритети во наредниот период.

ВРЕДИ порача дека ќе продолжи да бара одговорност од поранешните функционери и очекува институционално решавање на прашањата кои, според нив, со години останале нерешени и покрај тоа што Министерството за правда било раководено од кадри на ДУИ.

Back to top button
Close