УКИМ го нема ни на листата Глобал 2000

Најдобро пласиран од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград – на 393 место. Универзитетот во Љубљана е на 444, а Свеучилиштето во Загреб на 522. место.
Од Хрватска, покрај загрепскиот на листата се уште и Универзитетот во Сплит (953) и Универзитетот во Риека (1.658).
Од Словенија на листата е и Универзитетот во Марибор – на 1.293. место.
Топ 10 рангирани универзитети во светот оваа година се: Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.
Центарот ги оценува универзитетите врз основа на четири критериуми, без да се потпира на анкети или податоци обезбедени од самите универзитети: квалитет на образование (25 проценти), вработливост на дипломираните студенти (25 проценти), квалитет на наставниот кадар (10 проценти) и истражувачка работа (40 проценти).
За рангирањето оваа година, анализирани се 81 милион податоци врз основа на конкретни резултати.
Соединетите Американски Држави имаат осум претставници меѓу првите 10 универзитети во светот и со 313 институции, се рангираат на второ место по број на универзитети во првите 2.000, зад Кина.
Харвард, Стенфорд и МИТ се меѓу најцитираните универзитети во светот, додека сите универзитети од Ајви лигата се претставени во првите 75.
Кина сега има 360 универзитети во првите 2.000, а сите членки на Ц9 Лигата бележат напредок од година во година.
Јапонија има 102 универзитети на листата, предводени од Универзитетот во Токио на 13-то место.
Обединетото Кралство има 89 институции во првите 2.000. Кембриџ е најдобро рангиран јавен универзитет во светот тринаесетта година по ред.
Франција има 71 претставник, а најдобро рангираната институција е Универзитетот ПСЛ на 20-то место.
Русија, предводена од Московскиот државен универзитет на 264-то место, има 42 универзитети во првите 2.000.
Клучните елементи врз основа на кои е направено рангирањето се квалитетот на образованието, вработеноста на поранешните студенти, квалитетот на факултетот и истражувачките перформанси.





