Македонците најотпорни на „купување“ политички ставови
Ново меѓународно истражување покажува дека 80% од македонските граѓани не би ги смениле политичките убедувања за пари
Дури 80% од граѓаните во С. Македонија не би го смениле своето политичко убедување за пари, што претставува еден од највисоките проценти во Европа, покажува меѓународното истражување ENCODE. Истовремено, 78% од испитаниците одбиле да разгледаат финансиска компензација во замена за воздржување од гласање на избори.

Ова се дел од клучните сознанија од европското истражување, спроведено од меѓународен тим истражувачи. Станува збор за двегодишно истражување во шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и С. Македонија.
Македонија и меѓународниот контекст: резултати од четири земји
Бихејвиоралниот експеримент е спроведен во четири земји, на примерок од 4.550 испитаници, од кои 581 во Македонија. Резултатите покажуваат дека Македонија има 80% одбивање за промена на политички ставови за пари и повисок степен на демократиска отпорност од Италија, Австрија и Данска.
Според Институтут за демократија (ИДСЦС), посебно интересен е наодот за тоа како граѓаните ги перцепираат другите: македонските испитаници во просек процениле дека само 49% од нивните сограѓани би одбиле таква понуда, иако реалниот процент е значително повисок. Ова, според нив, покажува дека испитаниците значително ги потценуваат демократските вредности на другите, иако самите тие ги бранат.
Истражувачите сметаат дека рамнодушноста е поголем ризик од емоционалноста. Граѓаните кои чувствуваат гнев, страв или надеж се помалку подготвени да ги „монетизираат“ своите политички права. За разлика од нив, политички пасивните граѓани покажуваат поголема отвореност кон такви понуди.
Онлајн комуникација: омразата како норма
Во рамки на анализите се обработени над 2,17 милиони објави од шест европски земји. Од Македонија, истражувачите анализирале околу 120.000 објави и коментари на платформата X.
Резултатите покажуваат дека:
- 98% од коментарите кон политичари содржат елементи на омраза
- 82% содржат изразен гнев
Онлајн политичката комуникација станува поинтензивна во периоди на избори, кога растат емоции како ентузијазам, среќа и гнев. Сепак, омразата останува константна – не е само изборен феномен.
Дополнително, анализите покажуваат дека објавите од политичарите имаат најголем досег, идентитетот на авторот е поважен од самата содржина, а стравот и анксиозноста генерираат најголем ангажман.
Во медиумските објави, пак, омразата најлесно се шири, додека позитивните пораки носат долгорочен ангажман.






