Вицепремиерот Фетаи по 2 месеца егзил со писмо-оставка до премиерот


Потпретседателот на Владата, Арбен Фетаи, официјално поднесе оставка од својата функција во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Оваа одлука доаѓа по период од повеќе од два и пол месеци во кои Фетаи воопшто не се појавил на своето работно место.

Во објава на социјални мрежи тој вели дека одлуката е донесена внимателно и со убедување дека тоа е нај правилен и најдостоинствен чекор.

-Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да – наведе Фетаи.

Вели дека заминува „со крената глава и со чиста совест“.

-Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор. Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро – напиша Фетаи.

Од владината прес-служба за Телма потврдија дека оставката е веќе доставена во текот на денешниот ден.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, изјави дека оставката на Фетаи ќе биде констатирана на првата следна владина седница.

Арбен Фетаи ја извршуваше функцијата вицепремиер задолжен за политики за добро владеење, но неговото подолго отсуство предизвика интерес во јавноста пред и официјално да биде објавено неговото повлекување.

Back to top button
Close