Актерот Владо Јовановски: За малку ќе играв главна улога во филм, ама изгледа повторно ќе се посветам на земјоделие

Актерот Владо Јовановски објави дека по долгогодишна пауза бил на чекор повторно да заигра во долгометражен игран филм, но проектот пропаднал поради недостиг на финансиски средства.
Во објава на социјалните мрежи, Јовановски открива дека требало да ја толкува главната улога во филмот, но продукцијата не успеала да го затвори финансискиот план.
„После долги години апстиненција, за малку ќе заиграв на филм. Што би се рекло, за т’нко влакно. Да не му се верува на човек, требаше да одиграм главна улога во долгометражен игран филм. Но, тоа е тоа. ‘Требаше’ е минато свршено време“, напиша Јовановски.
Тој наведува дека на продукцијата ѝ недостигале уште 650.000 евра за реализација на проектот.
„А бев на чекор до улогата. На продукцијата ѝ недостасуваа уште само 650.000 евра. Предложив да се откажеме од хонорарите. Пак не бива. Тие се толку бедни, што зафаќаат многу мала ставка во буџетот на филмот“, додава актерот.
Во продолжение, Јовановски прави споредба меѓу филмот и земјоделието, наведувајќи дека во земјоделието правилата се појасни и поправедни.
„Изгледа пак ќе треба да се посветам на земјоделие. Барем во земјоделието си на чисто. Што ќе посееш, тоа ќе жнееш! До душа зависиш од временските прилики или неприлики, ама тоа е почесно, оти под Бога сме“, пишува тој.
Разочарувањето од пропаднатиот проект го сумира со реченицата:
„А во филмот што? Сеев жито, а жнеам трње!“
Јовановски посочува дека не станува збор за голема желба повторно да снима, туку за желба да провери дали по толку години сè уште го владее актерскиот занает.
„А не дека толку многу ми се снима, само сакав да проверам дали сум го заборавил тој занает или е како со вештината на возење точак“, напиша актерот.






