Власта тргна во пресметка со ССМ и УПОЗ – Трендафилов и Деановски да кажеле дали наградувале членови блиски до СДС
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати серија прашања до синдикалните лидери Трпе Деаноски и Слободан Трендафилов, барајќи од нив јавно да се произнесат за начинот на кој биле трошени средствата собрани од членарините на работниците.

Од партијата прашуваат дали дел од синдикалните средства биле искористени за организирање спортски игри во Црна Гора и дали за таа намена биле потрошени околу 60.000 евра.
„Работниците плаќаат членарина за синдикатот да ги штити нивните права, а не за раководството да организира скапи патувања, привилегии и забави за одбрани поединци“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму бараат одговор дали средствата биле користени за интересите на, како што велат, тесен круг привилегирани членови, како и дали изборот на локацијата за настанот бил направен за да им се излезе во пресрет на лица блиски до СДСМ.
Во соопштението се поставува и прашањето дали поради такви одлуки биле маргинализирани долгогодишни членови на синдикатот.
„Наместо борба за повисоки плати, подобри услови за работа и заштита на работничките права, јавноста е сведок на политика на привилегии, селективност и нетранспарентно трошење на парите на членството“, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека членството има право да знае како се трошат средствата собрани преку членарините и кој ќе понесе одговорност доколку се утврдат неправилности.
Од партијата порачуваат дека синдикатот треба да работи исклучиво во интерес на работниците и повикуваат на целосна транспарентност, отчетност и одговорност во управувањето со синдикалните финансии.
До моментот на објавување на оваа информација нема јавна реакција од страна на Деаноски и Трендафилов на изнесените обвинувања. објави Скопје1.мк






