Неофицијално: Финансиската полиција го приведе Стефан Богоев, истрага за тендер во Царина

Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, е меѓу четирите лица опфатени во денешната акција на Управата за финансиска полиција, дознава Скопје1. Неофицијално, тој е приведен.
Акцијата се спроведува во координација со Основното јавно обвинителство, а според првичните информации, се однесува на сомнежи за местење тендер и незаконитости во постапка за јавна набавка поврзана со Царинската управа.
Според информациите, осомничените се товарат за злоупотреби, финансиски малверзации и други незаконитости поврзани со тендерската постапка.
Од Финансиската полиција информираат дека во текот на денешниот ден овластени службени лица, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка и под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вршат претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации.
Акцијата, како што се вели во соопштението, произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
„Постојат основи на сомнение дека делата се извршени од службени и други лица што го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери“,велат од Финансиска.
Од ОЈО ГОКК потврдија дека во координација со Финансиската полиција се спроведува акција поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа.
Оттаму посочија дека акцијата е во тек и засега не можат да откријат повеќе детали.






