Манчестер сити најави правни мерки против мадридски Реал

Манчестер Сити најави судска постапка против Реал, откако кандидат за нов претседател на шпанскиот клуб, Енрике Рикелме, објави дека ќе ги доведе во Мадрид двајцата фудбалери на премиерлигашот Ерлинг Халанд и Родри.
Рикелме, кој е против кандидат на Флорентино Перез на клупските претседателски избори, во средата во телевизиско гостување покажа дрес на Кралскиот клуб со презимето на Халанд.
„Тој има откупна клаузула и би сакал да дојде во Реал Мадрид. Ако бидам избран за претседател, тој ќе игра за Реал Мадрид“, рече Рикелме.
Таткото и агентот на Халанд брзо го негираа неговото заминување во заедничка изјава, а денеска се огласи и Манчестер сити.
„Приказните што се појавија во Шпанија во врска со иднината на Ерлинг Халанд се невистинити. Нема шанси ова да се случи и нема клаузула што би го дозволила тоа. Размислуваме да преземеме правни мерки поради користење фотографија на нашиот играч во овој контекст“, се вели во соопштението на Сити.
Изборите за претседател на Реал Мадрид ќе се одржат в недела.






