Кон „Трофеј“ – или За „добриот дечко“ и современиот колонијален дискурс

Во уште едно соочување со еден од најкомплицираните моменти во пишување текст, составувањето на првата реченица, (која или ќе ве инспирира, или ќе ве заглави, но барем ќе ви стане јасно дали имате поента или нешто суштествено недостасува) се навратив на „мојата“ листа на „класици кои би можело да се прочитаат во еден викенд“. Не станува збор за книги во чие читање нужно се ужива, но книги кои се кратки и се некаков основен културен старт-уп.
Тука се „Странецот“ од Албер Ками, „Смрт во Венеција“ од Томас Ман, „Собата на Џовани“ од Џејмс Болдвин, „Магичната продавница за играчки“ од Анџела Картер, „Госпоѓа Даловеј“ од Вирџинија Вулф, „Франкенштајн“ од Мери Шели, „Коралина“ на Нил Гејмен, „Јас и ти“ на Аманити, „Крвта на зимските ноќи“ на Сеџвик…
И на таа листа, во однос на чија содржина сум прилично пребирлива, би го ставила „Трофеј“ во авторство на Хеа Схутерс, во одличен превод на Ели Пујовска и во издание на Чудна Шума.

-Хантер Вајт живее за возбудата што ја носи ловот на крупен дивеч. Тој е мошне богат американски брокер кој оди во Африка за да убие носорог, последното од петте големи животни што ја сочинуваат „големата петорка“ што му недостига како трофеј. Ловот прави да се чувствува жив повеќе од што било друго на светот. Покрај тоа, тој верува дека ловот на трофеи не само што создава можности за работа, туку претставува и извор на приход кој му е потребен на локалното население за да може да му се спротивстави на ловокрадството. Кога ќе открие, по еден разочарувачки лов на носорог, дека постои нешто што се вика „голема шесторка“, неговата ловечка експедиција почнува да добива по малку злокобен и застрашувачки изглед – стои во краткиот пресек на содржината на романот.

 

За „добриот дечко“ и колонијалниот дискурс

Она што Хутерс совршено го лоцира е погледот на светот на Хантер, подведен под неговата постојана демагогија и грч да се оправда пред самиот себеси. Неговата демагогија совршено се контекстуализира и веројатно би нашла поддршка во конзервативниот дискурс на стотиците десно ориентирани подкастери и илјадниците млади момци кои ги следат нивните совети за тоа како да се биде „добар дечко“ – конзервативен светоглед сокриен зад маската на „провајдерот и заштитник“ кој „се жртвува“ за „нејзино добро“ се отсликува совршено низ демагогијата на Хантер. Но тука, „таа“ е Африка.
Неговите реминисценции за детството и за ловот генерално, отсликуваат состојба на немир на човек кому му е битно да се оправда самиот себеси, но тоа постојно му бега. Дотука се чини дека ловецот постојано трага. Не толку по својот плен, колку по мирот со своите одлуки.
-Хантер не можеше да ја поднесе помислата дека би можеле неочекувано да наидат на едно од тие животни и дека во самоодбрана би можеле да застрелаат погрешен носорог. Тоа не само што би било катастрофа за популацијата носорози, бидејќи младите мажјаци сè уште имаа важен придонес за генетскиот фонд во паркот, туку и за екоактивистите, на кои така ќе им дадат дополнителни аргументи да бараат целосна забрана за лов. Носорогот на Хантер беше постар мажјак, кој беше генетски елиминиран и затоа предизвикуваше повеќе проблеми отколку корист – женките повеќе не сакаа да се парат со него, а тој стануваше фрустриран и влегуваше во судири со другите мажјаци. Со елиминирање на проблематичниот мажјак, тој на долгорочен период ѝ правеше услуга на целата група.“

Анализирајќи ја низ перспективата на постколонијалната критика Хантер и неговата „хуманост“ се пример за лицемерието кое стои зад одржувањето на финансиска зависност на колониите. Дополнително, ја лоцираме перфидноста на колонијалниот дискурс – колонијално конструиран вокабулар и поими кои служат да одржат субмисивност и епистемолошко насилство. Белиот ловец „не може да поднесе“ да застрела погрешен носорог, (…) еленот е „еднаков“ на ловецот со огнено оружје (?!)

Неговите мисли и вокабулар – за Африка, за ловот, за наводно исконскиот танц помеѓу ловецот и пленот, нивната замислена еднаквост, сe на линија на ставот на Џек Халберстам кога вели дека дивината (односно Хантеровата идеја за дивината, дивината како колонијален имаголошки и дискурзивен конструкт) му служи на колонијалниот авторитет кој ги припитомува другите на катастрофалниот дискурс на цивилизацијата, расијализираната ориентација кон ред, реификациските операции на расниот дискурс.

Неговите размислувањата за Африка ловот ритуалите, трагањето по „дивина недопрена од цивилизацијата“ ги следи суптилна но постојана романтизација, езотеризација на Африка, овој роман нуди исклучителено препознавање на совремниот колонизаторски дискурс и репродукција на колонијалните односи на моќ, децении после формалното ослободување на колониите.

Она кое следува откако Хантер тргнува во лов на шестиот трофеј е отворање на вратите на пеколот на современиот колонијализам. И цената која тоа ја носи. И правдата која го следи.

Пријатно читање.

Лени Фрчкоска

Back to top button
Close