Во сабота со изложбата “Анархични тела – согласност да не се биде едно” ќе се отвори Викендот на гордоста
Оваа сабота, на 30 мај во 20:30 часот, ќе се отвори овогодишното издание на Фестивалот Викенд на гордоста – Скопје 2026 во Музејот на современа уметност со групната изложба АНАРХИЧНИ ТЕЛА: согласност да не се биде едно, курирана од Славчо Димитров.

Во изложбата учествуваат уметниците: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска, Јане Чаловски.
Наспроти силата на нужноста што го организира доминантниот општествен и политички поредок, оваа изложба предлага да (го) мислиме со телото како анархично — како жива, динамична и мислечка материјалност што не може да се сведе на стабилен идентитет, функција или форма. Наместо индивидуализирано и приватизирано единство, телото овде станува процес: фрагментирано, прекршено, изложено на други тела, технологии и средини, во постојано постанување.
Новосоздадените дела на уметниците го истражуваат токму ова поле на нестабилност. Телото се појавува како релација, како афект, како глич, како линија, како отворена структура што одбива да се затвори во себе. Наместо репрезентација, овие дела нудат апстракции на телесноста — не како оддалечување од телото, туку како негово распрснување во повеќекратни можности на (со)појавување.
Инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, изложбата ја разбира телесноста како нешто што не мора да биде целосно видливо и читливо. Напротив, инстира на правото на непроѕирност. Во таа смисла, квир перспективата не се јавува само како прашање на идентитет, туку како поетска и политичка сила што ги разградува нормите и класификациите на родот, сексуалноста и телесната кохерентност, отворајќи простор за дивата сила на плотта, за множественост и непредвидливост. За прекрасни импровизации и изведбени експерименти, за реконфигурации на сензибилното, и одбивање на управувањето.
Анархичното тело не е автономен субјект, туку „битствување-со” — отворена резонанца на односи, допири и трансформации. Да се мисли со анархични тела значи да се прифати да бидеме нецелосни, не едно, туку распрснати во кореграфиите и еротизмот на бегството.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јуни 2026, а Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026″ трае до 13 јуни, со настани во МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.
RSVP и погледнете ја целосната програма на фестивалот што следува ТУКА.
Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно” предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Фестивалот артикулира антиесенцијалистичка визија за постоењето, втемелена во релационалноста, непроѕирноста, и недовршеноста – како покана да се мисли постоење што не е поддржано од силата на нужноста, “природните” закони и заробување на телата во системи на регулација, видливост и вредност. Како анархични, квир телата се измолкнуваат на насилството на фашистичките опсесисии со извор и функција, принцип и наредба, почеток и судбина, идеал и целисходност. Наспроти нив, ги нудиме нашите тела како материја напуштена на свет без принципи и цели, препуштена на изобилието од допири, контакти и релации, на доаѓањата и заминувањата на телата – на нивната ан-архија.
Повеќе за фестивалската тематска поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА.
Викендот на гордоста 2026 е организиран од Коалиција МАРГИНИ, во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка како главен соработник на фестивалот. Концептуалната и кураторска насока која го обликува фестивалот е на Славчо Димитров. Фестивалскиот тим го сочинуваат Славчо Димитров, Стефан Богески, Мања Величковска, Љубомир Фаизов, Наталија Видинска Атанасов и Грација Атанасовска, чија колективна работа ја поддржува реализацијата на програмата низ нејзините повеќеслојни уметнички, теориски и организациски димензии.
Преводот на фестивалскиот каталог од англиски јазик го подготвува Јулија Мицова, додека преводот на антологијата колективно го реализираат Грација Атанасовска, Душица Димитровска, Мања Величковска и Иван Шопов. Визуелниот идентитет на фестивалот е обликуван преку перформативен фото-цртеж создаден од долгогодишниот соработник Јане Чаловски, додека графичкиот дизајн и брендинг за тематскиот фокус „Анархични тела” ги развива Игор Делов. Финалната лектура на антологијата ја изработува Виолета Танчева-Златева.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026″ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и од Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Предавањето на Халберстам е реализирано со дополнителна поддршка од ПроПис Северна Македонија и European Fund for the Balkans. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза






