Ѓорѓиевски: Почнавме со уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош – еден од најубавите паркови во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека се почнати активности за уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош, каде се поставува нова урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци, како и уредување на летниковците кои секојдневно ги користат голем број граѓани.

-Го уредуваме еден од најубавите паркови во Скопје. Парковите се белите дробови на градот. Таму децата растат, семејствата создаваат спомени, младите се дружат, а повозрасните наоѓаат мир, сенка и простор за одмор. Токму затоа, започнавме со уредување на паркот „Македонија“ 1, 2 и 3 во Карпош, каде поставуваме нова урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци, како и уредување на летниковците кои секојдневно ги користат голем број граѓани – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Нашата обврска, додаде тој, е парковите да бидат чисти, уредени, безбедни и достојни за сите посетители.

-Затоа редовно ги одржуваме зелените површини кои се под надлежност на Град Скопје, но истовремено упатувам и апел до сите граѓани – да ги чуваме парковите како свој дом. Само со совесен однос можеме да имаме поубав, почист и позелен град – нагласи градоначалникот.

Тој истакна дека во неговата програма е предвидена изградба на нови паркови и нови зелени површини, затоа што, како што вели, Скопје заслужува повеќе простор за живот, рекреација и одмор.

-Да ги посетуваме нашите паркови, да уживаме во нив, но и да ги чуваме. Зеленилото е богатство кое им припаѓа на сите нас, но и на генерациите што доаѓаат по нас – истакна скопскиот градоначалник.

Back to top button
Close