Градоначалникот Ѓорѓиевски се пофали дека цела ноќ се чистело Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во текот на ноќта се спроведувала голема акција за чистење на главниот град, во која екипите работат до раните утрински часови.

Според него, на терен се переле сообраќајници, се собирал отпад, се чистеле јавни површини и се отстанувале диви депонии кои, како што посочува, не смеат да бидат слика за Скопје.
-Скопје заслужува да биде чист, уреден и достоинствен град. Но, чистотата не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност на сите нас, порача Ѓорѓиевски.
Тој упати апел до граѓаните да не фрлаат отпад на несоодветни места и да покажат поголема грижа кон јавните површини, парковите и населбите во кои живеат.
-Нашиот народ заслужува чисто Скопје. Нашите деца заслужуваат поубава слика од градот, а ние имаме обврска тоа да го обезбедиме, наведува градоначалникот.
Акцијата ќе трае до рано наутро, со цел скопјани новиот ден да го дочекаат во почист и поуреден град.
Продолжуваме секој ден. За Скопје. За скопјани. За градот што го сакаме, порача Ѓорѓиевски





