Врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ во рамки на манифестацијата „Празник на липите“

– Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска напладне по триесетти пат ќе се одржи манифестацијата „Празник на липите“, на која ќе бидат врачени наградите „Книжевен жезол“.
Секоја година тие им се доделуваат на еден домашен и на еден странски поет за нивниот повеќедецениски поетски опус со високи естетски вредности и за нивниот влог во негување на книжевните врски помеѓу Македонија и другите земји.
Годинашни лауреати на наградата се македонскиот поет и академик Ристо Василевски (1946, Наколец, Преспа) и бугарската поетеса Роза Бојанова (1953, Раброво, Кулско).
Како што соопшти ДПМ, за нивното творештво денеска ќе говорат поетесата Сузана Мицева, минатогодишна финалистка на наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија, и поетесата Драгана Евтимова, главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Фуснота“.
Настанот ќе биде збогатен со настап на гитаристот и композитор Филип Букршлиев.
Врачувањето на „Книжевен жезол“ е прв дел од манифестацијата „Празник на липите“, која на крајот на август ќе има и втор дел – книжевно читање и врачување на наградите од конкурсот за кратки книжевни творби.






