Со конференции, изложби и филмски проекции ќе биде одбележана 26. Недела на италијанскиот јазик во светот

Дваесет и шестото издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот посветено на темата „Генијален јазик: осмислуваме, проектираме, создаваме со италијанскиот јазик“ ќе се одржи од 17 октомври до 7 ноември.

Манифестација организирана од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со академски институции и локални партнери ќе опфати научни конференции, книжевни и лексикографски настани, филмски проекции, работилници, промоции и информативни средби за можностите за студирање во Италија.

Официјалното отворање е закажано за 19 октомври во Europe House во Скопје со предавањето „Помеѓу традицијата и иновацијата: студиите по италијанистика во ерата на вештачката интелигенција“, што ќе го одржи проф. д-р Ана Илиевска.

Во програмата се предвидени и конференции посветени на делото на Луиџи Пирандело, промоција на првиот италијанско-македонски фразеолошки речник од проф. д-р Радица Никодиновска, литературни средби, како и настани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат организирани и повеќе филмски проекции, меѓу кои „Барачи на ангели“ на режисерот Леополдо Пескаторе, документарниот филм „Фердинандо Шана – Фотографот на сенката“ на Роберто Андо, како и филмот „Речиси милост“, инспириран од животот на нобеловката Грација Деледа.

Дел од програмата ќе бидат и активности посветени на италијанската гастрономија, мода и култура, вклучително и работилница за подготовка на традиционални орекиети во Струмица, како и презентации на студиските можности и стипендиите што ги нудат италијанските универзитети.

Затворањето на манифестацијата е предвидено за 7 ноември во рамки на саемот Study Abroad Fair Skopje, каде Амбасадата на Италија ќе ги претстави можностите за студирање и академско усовршување во Италија.

Back to top button
Close