Димитровски: Имаме резултати во справувањето со бездомните кучиња, потребна континуирана стерилизација, контрола на сопственичките кучиња и спречување напуштање

Сто и осумдесет очи на бездомни кучиња го следат секое отворање на капијата на ЈП „Лајка“, на вратите на просториите и боксовите во кои се чуваат, со надеж дека некој ќе дојде да ги изведе оттука засекогаш и оти конечно ќе имаат свој дом.  Прифатилиштето не е замислено како траен дом за сите бездомни кучиња, туку како место каде што тие добиваат ветеринарен третман, проценка на здравствената состојба и однесувањето, стерилизација, вакцинација и други потребни интервенции и шанса да се вдомат преку посветена работа за нивна социјализација од страна на негувателите. 

Директорот на ЈП „Лајка“ Војислав Димитровски во интервју за МИА вели дека во пракса постојат кучиња, кои ако не се вдомат, не можат веднаш да бидат вратени на локацијата од која биле заловени, иако основниот принцип на работа на „Лајка“ е залови – стерилизирај – вакцинирај – врати, во согласност со утврдените протоколи и применливите правила. Тоа, нагласува, може да биде поради здравствената состојба, повреди, потреба од дополнителен третман, проценка на однесувањето или други околности што бараат продолжен престој. Кај овие животни, вели, се постапува одговорно, без да се занемари нивната благосостојба.

Потенцира дека интересот за вдомување е зголемен, исто како и процентот на вдомени кучиња, дури и кај оние кои престојуваат со години во прифатилиштето.

– Изминатиот период бележиме позитивен тренд кај вдомувањата, што ни дава дополнителен мотив да продолжиме со промоцијата на кучињата, фостер-програмата и активностите за директно запознавање на граѓаните со нив. Нашата цел не е само да ослободиме место во прифатилиштето, туку да обезбедиме секое куче да замине во безбеден и соодветен дом – вели Димитровски.

Во 2026-та во однос на 2025 година бројот на третирани кучиња бил зголемен за околу 30 проценти, а за периодот од септември до денес обемот на работа е зголемен за 59 отсто во однос на истиот период минатата година што, според него, дава надеж за ставање под контрола на овој проблем. Во однос на резултатите, како што нагласува,  годинава се вдомувале просечно по 30 до 35 кучиња месечно, што претставува околу 30 проценти од заловените кучиња. Септември бил рекорден месец со 44 вдомени кучиња. Во однос на истиот период минатата година  за околу 60 проценти е зголемен обемот на третирани кучиња со генерално истиот број на вработени кои работеле во ЈП „Лајка“ и во претходниот период.

Тој нагласува дека капацитетот на прифатилиштето сам по себе не може да го реши проблемот со бездомните кучиња во Скопје, ниту, пак, тоа може да се направи само со акции за нивно вдомување.

– Неодговорното сопствеништво и напуштањето на животните се меѓу клучните фактори што придонесуваат за појавата и обновувањето на популацијата на бездомни кучиња. Доколку постојано третираме кучиња на улиците, а истовремено дозволуваме нови животни да бидат напуштени или да се размножуваат без контрола, проблемот ќе продолжи да се обновува – вели Димитровски и додава дека се потребни континуирана стерилизација, контрола на сопственичките кучиња, спречување напуштање, регистрација и микрочипирање, како и активно учество на сите општини и граѓани.

Смета дека е неопходно постојано да се преиспитува дали законската рамка обезбедува ефикасна заштита на животните и дали постојните механизми за контрола и санкционирање се доволно функционални, како и пофокусирано постапување на надлежните институции во контролата на овој проблем.

– Напуштањето куче не е само неодговорен чин кон животното, туку може да создаде и поширок општествен и јавно-здравствен проблем. Сепак, покрај висината на казните, еднакво важни се откривањето на сторителите, докажувањето на прекршокот и доследното спроведување на законите. Ако нема ефикасен систем за идентификација на сопствениците и постапување по пријавите, ниту најстрогата казна нема да го даде посакуваниот ефект.

Затоа, додава, потребно е да се разгледаат можностите за подобра контрола на микрочипирањето и регистрацијата, поефикасна размена на податоци меѓу надлежните институции и доследно постапување во случаите на напуштање. Истовремено, граѓаните треба да имаат информација за правилниот начин за пријавување на ваквите случаи.

– Мојот став е дека превенцијата, контролата и санкционирањето мора да функционираат заедно. Само така можеме да влијаеме врз причините за проблемот, а не само врз неговите последици, вели Димитровски во интервјуто за МИА.

Смета дека за една ипол до две години правилна и посветена работа од страна на ЈП „Лајка“ и вклучување на останатите надлежни институции во контрола и превенција на проблемот,  граѓаните треба да осетат разлика односно намалување на бројот на уличната популација на кучињата. За тоа, според него, потребен е целосен и координиран систем што ќе го спречува создавањето нови генерации бездомни кучиња, истовремено обезбедувајќи хуман третман на животните што веќе се на улица.

Вие раководите со претпријатието од март годинава. Со какви клучни менаџерски предизвици во однос на финансиите и човечките ресурси се соочивте при вашето назначување?

Кога се презема раководење со јавно претпријатие од ваков тип, првиот предизвик е да се воспостави јасна слика за финансиската состојба, расположливите ресурси, организацијата на работата и реалните потреби на теренот. Во „Лајка“ секојдневните обврски се големи, а работата не може да запре додека се анализираат состојбите и се планираат подобрувања. Промените кои ги направивме во прв чекор се да дадеме повеќе мотив за работа на вработените, да укажеме на одговорноста која ја имаме кон граѓаните и кучињата и посветено да продолжиме напред. Секако направивме промена и во начинот на функционирање, ја реорганизиравме работата на претпријатието во насока на максимално вложување на човечките и материјалните ресурси со кои располагаме. Веднаш воведовме двосменска работа на заловувачите и од овој месец првпат воспоставивме тест период со 24 – часовна покриеност на градот Скопје со екипи за заловување.

Резултатите што ги постигнуваме во однос на истиот период минатата година се околу 60 проценти зголемен обем на третирани кучиња со генерално истиот број на вработени кои работеа во ЈП „Лајка“ и во претходниот период.

Во финансискиот дел, клучно е расположливите средства да се користат рационално и транспарентно, со јасно утврдени приоритети. Тоа значи да се обезбедат услови за непречено функционирање на прифатилиштето, ветеринарните третмани, заловувањето, исхраната, одржувањето на инфраструктурата и сите други неопходни активности. ЈП „Лајка“ е финансиски стабилно претпријатие и во изминатиот период и во следните месеци работиме со општините за редовна исплата на договорните обврски и заостанатите долгови.

Кога станува збор за човечките ресурси, најголемиот предизвик е да се обезбеди правилна организација на работата, соодветна распределба на задачите и услови во кои вработените ќе можат да ги извршуваат своите обврски без да се загрозат нивната безбедност и благосостојбата на животните.

Мојот пристап е управувањето да се заснова на анализа, планирање и мерливи резултати. Не е доволно само да се зголеми бројот на заловени или третирани кучиња. Треба да се следат квалитетот на третманот, ефикасноста на процесите, финансиската одржливост и долгорочниот ефект врз популацијата на бездомни кучиња. Секако клучен фактор е и вдомувањето на кучињата кои се третирани во „Лајка“, како и сите настани и програми што ги организираме со цел да се зголеми јавната свест за благосостојбата на животните и одговорното сопствеништво.

Како успевате да ги балансирате капацитетите на прифатилиштето со реалниот број бездомни кучиња низ скопските улици?

Основниот принцип на работа на „Лајка“ е залови – стерилизирај – вакцинирај – врати, во согласност со утврдените протоколи и применливите правила. Прифатилиштето не е замислено како траен дом за сите бездомни кучиња, туку како место каде што тие добиваат ветеринарен третман, проценка на здравствената состојба и однесувањето, стерилизација, вакцинација и други потребни интервенции, добиваат шанса да се вдомат преку посветена работа  за нивна социјализација од страна на негователите и нивна промоција преку фотографии и видеа на социјалните мрежи со цел секоја една единка да ја добие максималната промоција и да си го најде својот дом.

Во пракса, сепак, постојат кучиња што не можат веднаш да бидат вратени на локацијата од која биле заловени. Тоа може да биде поради здравствената состојба, повреди, потреба од дополнителен третман, проценка на однесувањето или други околности што бараат продолжен престој. Кај овие животни мора да постапуваме одговорно, без да ја занемариме нивната благосостојба.

Балансот го постигнуваме преку секојдневно следење на потенцијалните локации каде има кучиња, планирање на заловувањето, приоритизирање на итните случаи и настојување кучињата што се подготвени за вдомување побрзо да најдат нов дом. Во сето ова многу ни помагаат граѓаните, како и општинските управи.

Но, мора да бидеме реални: капацитетот на прифатилиштето сам по себе не може да го реши проблемот со бездомните кучиња во Скопје. Потребни се континуирана стерилизација, контрола на сопственичките кучиња, спречување напуштање, регистрација и микрочипирање, како и активно учество на сите општини и граѓани.

Колкав е капацитетот на прифатилиштето, колку кучиња се сместени во моментов и колку од нив престојуваат подолго? Има ли зголемување на процентот на вдомување?

Капацитетот на прифатилиштето мора да го разгледуваме не само како број на расположливи места, туку и како капацитет за обезбедување соодветна грижа, ветеринарен третман, хигиена, исхрана и секојдневна активност на животните.

Според актуелната евиденција, прифатилиштето располага со капацитет од околу 180 единки и во моментот капацитетот ни е полн, односно не оставаме период да има празни боксови. Од нив, педесетина престојуваат подолг период, главно поради здравствени причини, потреба од дополнителна проценка или затоа што сè уште не е пронајден соодветен вдомувач.

За нас е важно секое куче да има индивидуален план за третман и згрижување. Кучињата што подолго престојуваат во прифатилиштето бараат дополнително внимание, особено во однос на нивната социјализација, активност и можностите за вдомување.

Кога станува збор за вдомувањата, не сакаме да се потпираме само на впечаток дека интересот е зголемен. Резултатите ги следиме преку евиденцијата за бројот на вдомени кучиња, споредбата со претходните периоди и времето што кучето го поминува во прифатилиштето пред да биде вдомено. Во изминатиот период бележиме позитивен тренд кај вдомувањата, што ни дава дополнителен мотив да продолжиме со промоцијата на кучињата, фостер-програмата и активностите за директно запознавање на граѓаните со нив. Нашата цел не е само да ослободиме место во прифатилиштето, туку да обезбедиме секое куче да замине во безбеден и соодветен дом.

Дали се размислува за зголемување на капацитетите на прифатилиштето и кое би било најдоброто решение?

Прашањето за капацитетите да се разгледува во рамките на поширока стратегија за управување со популацијата на бездомни кучиња во Скопје. Зголемувањето на бројот на места во прифатилиштето може да биде дел од решението, но не смее да стане замена за превенцијата и контролата на популацијата.

Постојат неколку можни насоки: подобрување и оптимизација на постојната инфраструктура, изградба на дополнителен капацитет или развивање координирани активности и соодветни капацитети во соработка со градот Скопје. Секоја од овие можности се анализира од аспект на трошоците, логистиката, достапноста на ветеринарни услуги, потребниот кадар и стандардите за благосостојба на животните. Град Скопје одвои средства за оваа намена и работиме за соодветно решение во догледно време. Дополнително на ова до крајот на годината во рамки на функционирањето на „Лајка“ ќе ги вклучиме и ветеринарните друштва и регистрираните прифатилишта со што ќе го зголемиме капацитетот на јавното претпријатие и очекуваме на ваков начин да го зголемиме капацитетот за хуман третман на животните со цел за побрзо време да стигнеме до посакуваната бројка од минимум 75 отсто стерилизирана улична популација на кучињата.

Мојот став е дека треба да се работи на интегриран систем: функционално прифатилиште, ефикасна теренска служба, засилена стерилизација, промоција на вдомувањето и механизми за спречување напуштање на животните. Пред евентуално проширување, потребно е да утврдиме каде инвестицијата ќе даде најголем и најдолгорочен ефект.

Во последниот период има зголемување на бројот на заловени, третирани и вдомени кучиња. Што прави претпријатието за овие бројки дополнително да се зголемат, без да се загрозат стандардите?

Зголемувањето на бројот на заловени и третирани кучиња е важно само доколку е проследено со квалитетен третман и соодветна грижа. Нашата цел е да постигнеме подобри резултати, но не по цена на благосостојбата на животните или безбедноста на вработените.

За таа цел, работиме на подобро планирање на теренските активности, утврдување приоритетни локации, подобра координација меѓу тимовите и поефикасно организирање на ветеринарните процедури. Истовремено, промоцијата на вдомувањето е важна затоа што секое успешно вдомување создава можност за згрижување на друго куче на кое му е потребен третман.

Неопходно е да се следи целиот процес — од пријавата и заловувањето, преку ветеринарниот третман и престојот во прифатилиштето, до враќањето на локацијата или вдомувањето. Само така можеме да ја оцениме вистинската ефикасност на претпријатието. Во 2026-та во однос на 2025 година бројот на третирани кучиња е зголемен околу 30 отсто, а за периодот септември до денес обемот на работа е зголемен за 59 отсто во однос на истиот период минатата година, што дава надеж за ставање под контрола на овој проблем.

Особено внимание посветуваме на стручноста и ангажираноста на вработените. Работата со бездомни кучиња бара специфични знаења, искуство, физички ангажман и способност за правилно постапување и во непредвидливи ситуации.

Какви се резултатите од активностите за вдомување, фостеринг и прошетки? Колку граѓаните се подготвени да вдомат куче и како се избира соодветното куче? Колкав е процентот на вдомување од заловените кучиња?

Во последните години се менува начинот на кој јавноста гледа на кучињата од прифатилиштата. Сè повеќе се обидуваме да покажеме дека овие животни не се само дел од проблемот со бездомните кучиња, туку и потенцијални семејни миленици што можат да понудат приврзаност, дружење и многу позитивни искуства.

Акциите за вдомување, фостер-програмата, организираните прошетки и директното запознавање со кучињата имаат токму таква цел – граѓаните да добијат можност да го запознаат животното, неговиот карактер и потреби пред да донесат одлука.

Фостерингот е особено важен бидејќи претставува привремен дом во кој кучето може да се приспособи на домашна средина, а потенцијалниот вдомувач подобро да процени дали е подготвен за трајна обврска. Истовремено, за одредени кучиња, престојот во домашна средина може да помогне во социјализацијата и полесното приспособување. Во друга насока преку фостерингот односно привременото згрижување го зголемуваме капацитетот на јавното претпријатие и отвараме простор за нови третирани единки.

При изборот на куче не се водиме само од изгледот, големината или возраста. Разговараме со потенцијалниот вдомувач за неговиот начин на живот, искуството со животни, условите во домот, времето што може да го посвети и очекувањата од миленикот. Потоа, врз основа на достапните информации и проценката на однесувањето, се обидуваме да најдеме соодветен спој меѓу потребите на кучето и можностите на семејството.

Во однос на резултатите, во периодот 2026 се вдомени просечно по 30 до 35 кучиња месечно, што претставува околу 30 отсто во однос на заловените кучиња. А, да се пофалиме, септември беше рекорден месец со 44 вдомени кучиња.

Важно е да појасниме дека процентот на вдомување од вкупниот број заловени кучиња не е секогаш најсоодветниот единствен показател за успех. Дел од заловените кучиња, по третманот, се враќаат на локацијата согласно протоколите, додека други остануваат во прифатилиштето или се подготвуваат за вдомување. Затоа, ги следиме и бројот на вдомувања, времето на престој, бројот на кучиња што чекаат дом и резултатите од теренските интервенции.

Би сакал да упатам апел до граѓаните: доколку размислувате да земете куче, посетете ја ЈП „Лајка“, запознајте се со животните и разгледајте ја можноста за вдомување или фостеринг. Тоа е конкретен начин да помогнете.

Како се справувате со случаите кога кучињата покажуваат траума или агресија? Постои ли програма за ресоцијализација и подготовка за вдомување?

Пристапот кон кучињата што покажуваат страв, трауматизираност или агресивно однесување мора да биде индивидуален и стручен. Не секое куче што реагира со лаење, повлекување или обид за одбрана е агресивно во суштинска смисла. Понекогаш станува збор за страв, болка, претходни негативни искуства или реакција на непозната средина.

Затоа, првиот чекор е да се процени здравствената состојба и однесувањето на кучето, тест за социјализација, со соодветни безбедносни мерки за животното и за луѓето што работат со него. Потоа се определува начинот на постапување, кој може да вклучува постепено навикнување на човечко присуство, позитивно поткрепување, контролирана интеракција и работа со негувателите.

Кога е потребно, ветеринарната проценка е важна за да се утврди дали однесувањето може да биде поврзано со болка или друга здравствена состојба. Проценката на однесувањето мора да се повторува, бидејќи однесувањето на кучето може да се промени кога ќе се намали стресот и кога ќе се навикне на средината.

Нашата цел е секое куче што има реална можност за безбедно вдомување да добие соодветна подготовка и шанса за нов дом. Но, истовремено, мора да бидеме одговорни и да не ветуваме дека секое куче може да се вдоми во секое семејство. Потребно е континуирано да ги развиваме капацитетите за проценка на однесувањето и ресоцијализација, вклучително и преку соработка со стручни лица, волонтери и организации што имаат искуство во оваа област.

Што презема ЈП „Лајка“ за едукација на граѓаните во однос на неодговорното сопствеништво и напуштањето миленици?

Неодговорното сопствеништво и напуштањето на животните се меѓу клучните фактори што придонесуваат за појавата и обновувањето на популацијата на бездомни кучиња. Доколку постојано третираме кучиња на улиците, а истовремено дозволуваме нови животни да бидат напуштени или да се размножуваат без контрола, проблемот ќе продолжи да се обновува.

Затоа, покрај оперативната работа, едукацијата е исклучително важна. Преку комуникацијата со јавноста и активностите за промоција на вдомувањето настојуваме да ја истакнеме одговорноста што ја презема секој што одлучува да чува куче.

Одговорното сопствеништво подразбира животното да биде соодветно згрижено, да добива ветеринарна грижа, да биде идентификувано и регистрирано согласно прописите, да не претставува ризик за околината и да не биде оставено на улица кога сопственикот ќе се соочи со потешкотии.

Особено е важно да се едуцираат граѓаните за спречување несакани легла, стерилизација и контролирано чување на животните. Кога некој ќе најде кученца или ќе се соочи со несакано легло, решението не смее да биде нивно оставање на улица. Потребно е навремено да се побара стручна помош и да се постапи одговорно.

Сметам дека е потребна координирана едукативна програма со училиштата, општините, ветеринарните амбуланти, граѓанските организации и медиумите. „Лајка“ дава значаен придонес, преку континуирано организирање на настани со цел едукација на граѓаните, континуирани гостувања во училиштата, организирани посети од децата во предучилишна возраст и од училиштата во ЈП „Лајка“ и континуирана кампања на националните и локалните телевизии и социјалните мрежи на теми одговорно сопствеништво и благосостојба кај животните.

Промената на навиките и однесувањето на граѓаните е долгорочен процес во кој мора да учествуваат сите релевантни чинители.

Дали сметате дека се потребни законски измени и поригорозни казни за оние што напуштаат кучиња?

Сметам дека е неопходно постојано да се преиспитува дали законската рамка обезбедува ефикасна заштита на животните и дали постојните механизми за контрола и санкционирање се доволно функционални, како и пофокусирано постапување на надлежните институции во контролата на овој проблем. Напуштањето куче не е само неодговорен чин кон животното, туку може да создаде и поширок општествен и јавно-здравствен проблем.

Сепак, покрај висината на казните, еднакво важни се откривањето на сторителите, докажувањето на прекршокот и доследното спроведување на законите. Ако нема ефикасен систем за идентификација на сопствениците и постапување по пријавите, ниту најстрогата казна нема да го даде посакуваниот ефект.

Затоа, потребно е да се разгледаат можностите за подобра контрола на микрочипирањето и регистрацијата, поефикасна размена на податоци меѓу надлежните институции и доследно постапување во случаите на напуштање. Истовремено, граѓаните треба да имаат информација за правилниот начин за пријавување на ваквите случаи.

Важно е и законските решенија да бидат придружени со едукација, достапни информации за стерилизација и одговорно чување, како и можности за советување кога сопствениците се соочуваат со проблеми.

Мојот став е дека превенцијата, контролата и санкционирањето мора да функционираат заедно. Само така можеме да влијаеме врз причините за проблемот, а не само врз неговите последици.

Каков е интересот за волонтирање и како граѓаните и правните лица можат најдиректно да помогнат?

Волонтерството е еден од начините преку кои граѓаните можат директно да придонесат за подобар живот на кучињата во прифатилиштето. Помошта не мора секогаш да биде материјална. Времето, вниманието и трпението што некој ќе му ги посвети на кучето може да бидат значајни за неговата социјализација и за зголемување на шансите за вдомување.

Граѓаните можат да помогнат преку организирани прошетки, учество во активности за вдомување, привремено згрижување, споделување информации за кучињата што бараат дом и поддршка на едукативните кампањи. Секако, сите активности во прифатилиштето треба да се спроведуваат во координација со нашиот тим и според утврдените правила за безбедност и благосостојба.

Правните лица можат да се вклучат преку општествено одговорни активности, организирање волонтерски денови, поддршка на кампањи за вдомување, помош со материјали и опрема или други форми на соработка што одговараат на реалните потреби на претпријатието.

Особено би сакал да ја охрабрам бизнис заедницата за долгорочни партнерства и соработка. Континуираната поддршка може да помогне во развојот на програми за социјализација, промоција на вдомувањето и подобрување на условите за животните.

Граѓаните што сакаат да се вклучат можат да ги следат официјалните портали на ЈП „Лајка“ и да се информираат за актуелните можности за волонтирање, фостеринг и вдомување. Секоја форма на одговорно учество е добредојдена.

Според вашата стручна проценка, за колку години Скопје би можело целосно да го стави под контрола проблемот со бездомните кучиња и кој е клучниот чекор што ни недостига?

Врз основа на моето стручно искуство во благосостојбата кај животните, би рекол дека проблемот може да се стави под значително поголема контрола, но не постои реална основа да ветиме дека ќе биде целосно решен за точно определен период бидејки решението на проблемот е плод на работа на повеќе институции, а не само на ЈП „Лајка“.

Контролата на популацијата на бездомни кучиња е процес што бара континуитет, системски пристап и мерење на резултатите. Не е доволно да се зголеми бројот на стерилизирани животни во една година, ако во исто време има напуштање на сопственички кучиња, неконтролирано размножување и недоволна контрола на движењето на животните.

Сметаме дека за една ипол до две години правилна и посветена работа од страна на ЈП „Лајка“ и вклучување на останатите надлежни институции во контрола и превенција на проблемот,  граѓаните треба да осетат разлика односно намалување на бројот на уличната популација на кучињата.

Клучниот чекор што ни недостига не е само повеќе заловувања или поголем капацитет на прифатилиштето. Тоа е целосен и координиран систем што ќе го спречува создавањето нови генерации бездомни кучиња, истовремено обезбедувајќи хуман третман на животните што веќе се на улица.

Дали се размислува за гробишта за миленици или крематориум за кучиња?

Сметам дека ова е важно прашање што заслужува сериозно внимание. За многу граѓани, кучето или мачката не се само домашни миленици, туку членови на семејството. Загубата на животно со кое сме поминале многу години е емотивно искуство, па затоа е разбирливо што граѓаните сакаат да имаат достоинствен начин да се простат од него.

Гробишта за миленици или соодветен систем за кремирање би можеле да одговорат на реална потреба, но нивното воспоставување бара анализа на законските услови и нивна промена, ветеринарно-санитарните стандарди, просторни можности, исполнување на еколошки критериуми и финансиската одржливост.

Иако ова прашање не е во целост во надлежност на ЈП „Лајка“, сметам дека е оправдано да се отвори институционална дискусија за можните решенија. Притоа, треба да се разгледаат различни модели.

Важно е да се обезбеди решение што ќе биде достапно за граѓаните, ќе ги исполнува сите законски и санитарни услови и ќе овозможи достоинствено постапување со животните по нивното угинување.

Ова е уште еден аспект на одговорното сопствеништво и односот на општеството кон животните. Грижата за нив не завршува со вдомувањето или со секојдневното чување, туку подразбира одговорност во текот на целиот нивен живот.

Back to top button
Close