АКО СТЕЧАЈОТ БИЛ НЕИЗБЕЖЕН, ТОГАШ ЗОШТО 13,5 МИЛИОНИ ЕВРА ДОКАПИТАЛИЗАЦИЈА

Трифун Костовски

Почитувани читатели,

Во мојот долгогодишен, професионален јавен живот сум бил стопанственик, пратеник во Собранието, градоначалник на Скопје и, пред сè, граѓанин на Македонија. Во сите тие општествено одговорни позиции, сум се трудел да бидам прецизен во она што го зборувам и да преземам одговорност за она што го правам.

Токму затоа, по шест години борба околу Еуростандард банка, поставувам најпрецизно прашање од било кога, а тоа е: ако состојбата на Еуростандард банка била толку лоша што стечајот бил неизбежен, зошто банката не била затворена пред акционерите да внесат дополнителни 13,5 милиони евра свеж капитал на само 6 месеци пред стечајот?

Ако регулаторот, уште тогаш знаел дека банката нема иднина, должен е да објасни зошто стечајот не е отворен во 2019 година, а ако не знаел, тогаш мора да објасни што точно се случило потоа.

 

Токму ова прашање води до суштината на 12 август 2020 година.

 

ШТО ПОКАЖУВАЛЕ БРОЈКИТЕ

До ден денешен, ние како поранешни акционери, немаме целосна слика за пресметката врз која е донесена најтешката регулаторна одлука. Токму затоа сакам да знам каков бил реалниот капитал на банката; каков бил износот на сопствените средства; кои корекции биле направени и кој документ ја содржи конечната фактичка состојба, врз која било утврдено дека банката повеќе нема реална можност да продолжи да работи. Тоа е многу важно затоа што пред стечајот не стоевме пасивно, туку напротив, со сета сила работевме за стабилизација на банката, имавме нов Управен одбор, работевме на стабилизација и расчистување на проблематичните изложености, а постоеше и потенцијален странски инвеститор заинтересиран да влезе во сопственичката структура.

Затоа, не е доволно денес само да се каже дека банката имала проблеми, туку да се постави прецизно прашање (кое што бара исто толку прецизен одговор), што точно се променило меѓу моментот кога бил внесен нов капитал и моментот кога банката била однесена во стечај?

 

2020 ГОДИНА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕСКОКНЕ

Обвинителската конструкција главно се однесува на периодот 2013–2019 година, но банката не престанала да постои на 31 декември 2019 година. Постои и 2020 година кога се случуваат докапитализација, активности за стабилизација, разговори со инвеститори и вонредната состојба предизвикана од COVID-19.

Во периодот на ограничена присилна наплата, банката не можела нормално да ги наплатува доспеаните побарувања. Според информациите што ги добив од тогашниот член на Управниот одбор Горан Трајковски, се очекувала наплата од приближно 8 милиони евра. Таа проценка треба да се потврди со документација, а ако е точна, не може да биде изоставена од економската анализа на банката.

Затоа прашувам, како ефектот од COVID-мерките бил пресметан во состојбата врз која е донесена одлуката од 12 август?

 

ЗОШТО НЕ БЕШЕ ПРИМЕНЕТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Посебно прашање останува администрацијата. Не тврдам дека Народната банка автоматски била должна да ја примени, но ако била законски расположлив инструмент, тогаш мора да постои одговор дали била разгледана и зошто била отфрлена. Администрацијата можела да даде простор за подлабока контрола, за проверка на капиталот, за наплата и за проценка на можноста за влез на нов инвеститор. Ако заклучокот бил дека ниту тоа нема да помогне, тогаш сакам да ја видам анализата што водела до тој заклучок.

 

ДАЛИ СИТЕ АЛТЕРНАТИВИ БИЛЕ ОЦЕНУВАНИ ЕДНАКВО

Во периодот пред стечајот, во комуникација со тогашното раководство на Народната банка, постоеше силен притисок да се разгледа спојување со Комерцијална банка. Условите што ни беа понудени за нас беа неприфатливи и предлогот го одбивме, бидејќи се почувствувавме како плен за отстрел. Продолживме со сопствен план за стабилизација и со барање нов инвеститор.

Легитимно прашувам, дали сите расположливи алтернативи биле оценувани со еднакви критериуми и без однапред определена одлука за стечај?

Одговорот на тоа прашање не е во јавната полемика. Тој е во документите.

 

ОЈО ГОКК МОРА ДА ЈА ОБЈАСНИ РАЗЛИКАТА

Во 2021 година ОЈО ГОКК ја отвори истрагата со бројка од приближно 55 милиони евра загуба. Во обвинението од 2026 година веќе зборува за приближно 27 милиони евра загуба. Практично, бројката е преполовена.

Имаме право да знаеме:што било отфрлено од почетната пресметка; која методологија се променила; како се пресметува штетата; како се третираат кредитите што во меѓувреме се наплатуваат во стечајот и дали обвинителството ја проверува самостојно фактичката основа на одлуката на Народната банка или ја прифаќа како даденост?

Според мене, изминативе 6 години, наместо ние акционерите и вработените во Еуростандард банка да бидеме предмет на истрага, истрагата требаше да се води врз решението издадено на 12 август 2020 година од страна на Народна банка. Со ваков гест, институцијата ОЈО ГОКК ќе си ја покажеше својата вистинска улога како институција во одбрана на капиталот и креирање на правна држава во нашата Македонија. Тоа е мојата лична перцепција, бидејќи дополнително, со информациите со кои располагам, денешната состојба на неплатени обврски кон доверителите, вклучително и Фондот за осигурување депозити, е значително пониска од бројката од обвинението. Таа состојба мора официјално да се утврди.

 

СЕГА ПРАШАЊЕТО Е ПРЕД СУДОТ

Предметот денес е во кривичниот суд. Одбраната има право да го постави прашањето за законитоста и извршноста на почетниот управен акт како претходно правно прашање. Токму затоа судот треба да ја види целата слика, не само кредитите, не само вештачењата на обвинителството туку и она што се случило непосредно пред 12 август 2020 година. Ако кривичната одговорност се поврзува со стечајот, тогаш и фактичката и правната основа врз која е активиран тој стечај мора да бидат предмет на сериозна проверка.

 

И УСТАВНАТА ИНИЦИЈАТИВА Е ДЕЛ ОД ИСТОТО ПРАШАЊЕ

Поднесов иницијатива до Уставниот суд во врска со член 9 од Законот за административни службеници.Тој член не создава имунитет за вработените во Народната банка, но ги иззема од општиот режим на Законот за административни службеници.

Моето прашање е едноставно, дали посебниот систем обезбедува доволно јасна, видлива и ефективна професионална одговорност?

Независноста на централната банка е важна, но еднакво важно е нејзините одлуки да можат да бидат проверени.

 

МОЕТО ПРАШАЊЕ ПО ШЕСТ ГОДИНИ

Денес не ми треба нова теорија за Еуростандард банка, ми треба временската линија, што покажувале бројките пред докапитализацијата; што покажувале по внесувањето на 13,5 милиони евра; што можело да се наплати во 2020 година; кои алтернативи биле разгледани и што точно се случило за само неколку месеци, банката од субјект во кој се внесува свеж капитал да стане банка која мора да оди во стечај?

Тоа е прашањето на кое досега немам одговор.

ЗАКЛУЧУВАМ

Ако банката била без иднина, зошто беше дозволено да се внесат уште 13,5 милиони евра?

Ако имала иднина, што ја промени состојбата потоа?

На едно од овие две прашања државата мора да има одговор.

Јас продолжувам.

 

 

 

Back to top button
Close