Без помош од буџетот не може да се исплатат пензиите: Ќе се оди ли на зголемување на старосната граница?

Растот на приходите не ги покрива трошоците за пензии, а повеќе од една третина од средствата доаѓаат од државниот буџет, стои во новиот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија кој откри сериозни слабости во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ревизорите констатираат дека и покрај зголемените приходи во текот на 2024 година, тие не се доволни за покривање на растечките расходи за пензии. Според извештајот, трансферите од државниот буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на значителна зависност од државната поддршка за редовна исплата на пензиите.

Дополнително, ревизијата открива дека ПИОМ не ги уплаќал навремено придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување. Во текот на 2024 и 2025 година уплатите доцнеле со месеци, а заклучно со 28 февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци. Вкупната неизмирена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува околу 136,4 милиони евра.

Од Државниот завод за ревизија предупредуваат дека ваквата состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено платени придонеси, што создава дополнителен финансиски притисок врз здравствениот систем.

„И ова е еден магичен круг. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му должи на Фондот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигурување нема доволно маневарски способности да вложува дополнителни средства во јавните здравствени установи и подобрување на услугите или зголемување на вредноста на одредени цени кои што се утврдени во претходниот период“, рече директорот на ДЗР, Максим Ацевски во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма и додаде нема простор за грижа за давањето на здравствени услуги за пензионерите.

Наодите отвораат прашања за долгорочната одржливост на пензискиот систем, особено во услови на континуиран раст на бројот на пензионери и зголемени финансиски обврски на Фондот.

А во услови на раст на инфлација кога системските решенија не се доволни експертите апелираат ад хок решенија да се избегнуваат како што беше случајот со линеарното покачување затоа што тоа е дополнителен трошок на ПИОМ.

Даночните експерти се согласни и за уште еден аспект на пензиските реформи: во иднина ќе мора да се зголеми придонесот за пензиско осигурување бидејќи сегашната стапка од 18,8% е меѓу најниските во Европа, пониска и од оние 21% кои Македонија ги собираше од бруто платата во 2008 година.

Според статистичките податоци, како што старее населението така ќе расте и стапката на придонеси. Тоа се случува во сите земји и нема да ја одмине и Македонија која пак треба да се откаже и од уште една пракса: ослободување на компании од придонеси бидејќи така се намалува приходот на ПИОМ за пензии без притоа да се има некаков бенефит од тоа.

Стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување во регионот е повисока од нашата. Во Албанија се издвојува 24,5%, во Србија е 24%, во Црна Гора е 20,5 отсто а единствено во Косово се издвојува помалку од нашата стапка, односно е 10 проценти.

Back to top button
Close