Драган Арсовски, Македонско еколошко друштво: „Езерани е бубрегот на Преспанското Езеро“

Кога ќе се спомене Преспа, најчесто мислиме на езерото. Но веднаш покрај него се наоѓа Езерани – едно од највредните влажни живеалишта во Македонија, дом на бројни растителни и животински видови и природен филтер што го одржува здравјето на Преспанското Езеро. Климатските промени, сушите, интензивното земјоделство и другите човечки активности сè повеќе го менуваат овој чувствителен екосистем. За тоа што значи Езерани за биодиверзитетот, со какви закани се соочува и како науката и локалната заедница можат заедно да придонесат за негово зачувување, разговаравме со Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

ТРН: Какво е значењето на Езерани за биодиверзитетот во Македонија и пошироко за Преспанскиот регион?

Драган: Огромно е значењето за биодиверзитетот на Езерани. Всушност, на сите природни региони во Македонија значењето е големо, секако не само за Преспа туку за целата држава. Меѓутоа, Езерани можеме да го издвоиме како едно особено важно живеалиште бидејќи се карактеризира со голем процент на влажни живеалишта, блата и заблатени делови.

Тие се голема реткост, не само во земјава, туку и во целиот свет, а особено во Преспанскиот регион што се наоѓа во поширокиот медитерански регион. Затоа овие влажни живеалишта може да се класифицираат како доста ранливи, особено на климатските промени за кои слушаме сè повеќе и повеќе, а ги обележуваат помалку врнежи.

Знаеме дека Преспанското Езеро на некој начин е лицето на климатските промени во Македонија во последно време, со повлекувањето на водата, а едно влажно живеалиште како Езерани е уште поочигледен пример за тоа.

Езерани се наоѓа на северното крајбрежје на Преспанското Езеро и претставува еден негов продолжеток кој не е целосно под вода како самото езеро. Има делови што се постојано под вода, други што периодично се поплавуваат, па се сушат. Токму тие карактеристики го прават особено важно, бидејќи постојат животни и растенија што зависат токму од такви услови. На пример, постојат водоземци што се размножуваат во текот на пролетта кога ќе се поплават овие делови, а потоа е потребно тие повторно да се исушат за да не навлезе риба која следната година би го изела подмладокот. Ова е само еден пример кој покажува колку е специфично Езерани и зошто мора особено да го заштитиме. Секако, мораме да ги заштитиме сите природни делови од Македонија, но Езерани навистина има посебно место.

ТРН: Кои се растителните и животинските видови што се карактеристични токму за ова живеалиште?

Драган: Бидејќи се карактеризира со голем процент на влажни, поплавени живеалишта, сите оние видови што зависат од вакви услови се карактеристични за Езерани и токму тие во најголема мера му го даваат значењето на самиот Парк на природата. Тоа се пред сè водоземците. Жабите се едни од нив и најдобро ги познаваме, но тука се и мрморците, опашести водоземци кои имаат особено добри популации во Езерани.

Потоа следуваат водните птици. Сите птици се важни, но оние што зависат од влажните живеалишта, кои се хранат со риба и се гнездат во трските, се особено значајни за Езерани. Токму овие птици биле причината поради која во 1996 година Езерани првпат било прогласено за строг природен резерват.

ТРН: Кои се денес најголемите предизвици – загадувањето, климатските промени, човечката активност?

Драган: Па, сите. All of the above, што би рекле. Климатските промени се една хоризонтална закана што ја чувствуваме сите. Денес, на овој летен ден, ја чувствуваме и во невлажните живеалишта. Но во Преспа, а особено во едно влажно живеалиште како Езерани, тие предизвикуваат големо испарување. Тоа значи дека поплавувањето што го очекуваме во пролетните периоди трае сè пократко.

Ако трае пократко, може да не им остави доволно време на некои животни да го завршат својот репродуктивен циклус. Во години кога има голема суша може целосно да изостане подмладок кај одредени видови и тоа може да биде особено катастрофално. Оваа година е исклучок. Како што видовме, пролетта беше доста влажна, не само во Преспа, туку и во целата држава. Тоа ни буди надеж бидејќи кога работевме јас и моите колеги во Езерани навистина затекнавме многу повеќе поплавени региони и многу повеќе живот. Се чини дека и малку повеќе влажност веднаш го враќа животот. Но се надевам дека ова нема да биде само ефемерен исклучок. За жал, трендовите покажуваат дека веројатно ќе биде токму тоа – исклучок.

Освен климатските промени, Езерани се соочува и со закани од човекот. Антропогеното влијание е големо, особено земјоделските активности што се одвиваат во околината и во самиот парк. Паркот на природата не е целосно државно земјиште. Постојат приватни парцели кои постоеле и пред прогласувањето на заштитеното подрачје, што значи дека сопствениците можат да го менуваат начинот на користење. Континуирано гледаме како природни површини се претвораат во земјоделски.

Така наместо поплавени делови населени со водоземци, птици и други видови, добиваме монокултури – најчесто јаболкови насади во Преспа. Човекот ја населува Преспа со векови, па дури и милениуми, според археолошките наоди. Она што Македонското еколошко друштво го застапува не е дека човекот не треба да биде таму. Напротив. Треба да биде таму, но мора да изнајдеме поодржливи начини на користење на просторот.

Езерани е влажно живеалиште што нуди огромни екосистемски услуги. Мочуриштата и големите влажни живеалишта како Езерани се всушност бубрезите на нашите природни езера.

Езерани е еден голем бубрег, можеби малку болен, кој ја прочистува водата што потоа влегува во Преспанското Езеро. Таа вода овозможува рибите да се размножуваат, а потоа рибарите да имаат повеќе улов. Истата вода ја храни и почвата, правејќи ја поплодна за земјоделските култури. Но тоа мора да биде плански. Треба подобро да ја следиме динамиката на живеалиштата каде се развива нова шума, каде имало пожар, дали има потреба од реставрација, каде има потенцијал за земјоделство, а каде не.

Антропогеното влијание, кога е надвор од контрола и нерегулирано, може да биде многу катастрофално. Знаеме дека повремено имало организирани тури за лов на диви птици во Езерани. Тоа може да биде многу штетно. Можеби во резервати како Езерани таквите активности треба целосно да се избегнат.

Во последните години некои птици повеќе не се среќаваат таму и можно е токму тоа да е една од причините. Само континуираниот мониторинг и научноистражувачката работа можат да ни дадат точни одговори, а токму тоа е она што Македонското еколошко друштво го прави.

ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ

Back to top button
Close