Големите сили нема да дозволат светска војна. Каков виц.

Денко Малески
Карикатурата објавена во една книга за Првата светска војна прикажува двајца загрижени граѓани на Европа од тоа време, како се убедуваат дека големите сили нема да дозволат да избие светска војна.И толку. Во што е вицот?
Па, вицот е во тоа што токму односите меѓу големите сили се причината за избувнување на светски војни. Таа наивност ја забелжувам и денес, кога војната веќе се случува пред нашите очи во Украина во судирот меѓу Европа и Америка од една страна и Русија од друга.
Дури и кога таа се случува, одбиваме да им веруваме на своите очи. Големите сили се веќе во војна во Украина. Прашањето е само до каде ќе одат и дали убедени дека ги контролираат настаните, за, во еден момент, предоцна, да разберат дека настаните ги контролирале нив. Она што беше прокси- војна во Украина, веќе прерасна во отворен судир меѓу Западот и Русија.
Зад нас се времињата кога НАТО и Америка ставаа ограничувања врз користењето на нивните ракетни системи способни да бијат цели длабоко во внатрешноста на Русија. Денес, тоа стана секојдневие. Ракени системи и софистицирани дронови пропизведени во Германија, Велика Британија или Франција доставени до фронтот во Украина, завршуваат во Москва или Санкт Петерсбург.
Официјалните државни претставници на големите европски држави веќе не кријат дека нивната цел е да се порази Русија и да се принуди на повлекување од окупираните украински територии, дамна прогласени за дел од руската федерација. Германскиот канцелар зборува за проект да ја трансформира армијата во најмоќната армија во Европа, будејќи ги сеќавањата кај Русите за 27 милиони жртви во Втората светска војна по инвазијата на земјата од страна на Хитлер..
Франција и Велика бриранија се на иста линија: војна со Русија. Америка,иако веќе не зборува за рушење на статусот на Русија на голема сила, вели дека е на страна на Украина во заедничкиот воен притисок кој ќе ја натерал Русија да седне на преговарачка маса.И, како што гледаме, не се тоа само празни зборови: големите сили се веќе во војна.
Во отсуство на страв од руска нуклеарна одмазда, се изгледа лесно. Идејата на Европа, но и на Америка од неодамна, е дека со константни напади со дронови и ракети, ефектот на жабата ставна во млака вода ќе го свари и Путин без тој да се осмели да нападне земја членка на НАТО. Дека хаосот по патиштата предизвикани од дронови кои не бираат цели, нападите врз рафинерии кои доведоа до колони возила пред бензинските пумпи, економските тешкотии на обичниот руски човек и сето она што го носи војната, ќе предизвикаат незадоволство кон режимот на Путин и промена на руската политика.
И навистина, руската политика се менува, ама не во насока во која Западот предвидува, туку во спротивната. Во последниот говор на Путин , нема веќе дипломатија како средство за решавање на конфликтот. Никој веќе не го спомнува „духот на Алјаска“каде што, според Москва, беа прифатени руските услови за мир. Нема доверба дека Трамп ќе произведе мир . Има само победа на бојното поле кое, во говорот на Путин, е сега проширено на Новоросија, значи на регионот на најважното пристаниште во Украина, Одеса.
Приврзениците на Караганов, рускиот политички научник кој дамна заговара удар врз фабрики во Европа кои произведуваат дронови и ракети, па и предупредувачки нуклеарен удар, се се побројни. Путин е под силен притисок, ама не да крене бело знаме туку да ја ескалира војната до победа. За неговите вниимателни чекори како да има се помалку разбирање во Русија. Може ли и тој да ја доживее судбината на Горбачов и на други советски лидери кои, сметани за слаби, беа сменети со јастреби спремни на екслација до употреба на нуклеарно оружје, ако треба?
Не, спијте мирно, големите сили нема да дозволат да избие Трета светска војна, пишува под карикатурата објавена во предвечерјето на Првата светска војна. Каков виц.






