Британскиот случај „Пелико“ влегува во судница: Маж 20 години ја дрогирал сопругата и им ја нудел на други

Британец во шеесеттите години од Стокпорт, Англија, заедно со уште 12 мажи обвинети за учество во злоставувањето, денеска ќе се појави пред судот во Манчестер под обвинение дека повеќе од две децении ја дрогирал и сексуално ја злоставувал својата сопруга, во процес што се очекува да трае 12 недели и потсетува на озлогласениот случај Пелико во Франција, објави БФМ.

Мажот е обвинет за вкупно 48 кривични дела извршени од 2004 година, а на суд ќе се појави заедно со група од уште 12 мажи за кои се тврди дека учествувале во злоставувањето или го олеснувале неговото извршување.

Главниот осомничен првично ги негираше сите обвиненија, но во меѓувреме се изјасни за виновен по 15 точки од обвинението, меѓу кои за силување, сексуален напад и за дистрибуирање интимни фотографии од неговата сопруга без нејзина согласност. Тој продолжува да ги негира преостанатите 33 точки од обвинението.

Полицијата не го открива неговиот идентитет со цел да се заштити идентитетот и приватноста на жртвата.

Останатите осомничени што ќе се најдат на обвинителната клупа се на возраст меѓу 28 и 73 години.

За време на прелиминарните рочишта, обвинителите изнесоа докази дека некои од овие мажи биле повикувани директно во домот на брачната двојка во Стокпорт – место на околу 30 минути возење југоисточно од Манчестер – со цел да ги извршат наводните кривични дела.

Тринаесеттиот маж, 59-годишник од Данди, Шкотска, во одделна постапка веќе се изјасни за виновен за сексуален напад, заговор за извршување сексуален напад, заговор за силување и заговор за давање супстанција со злонамерна намера. Тој останува во притвор, а пресудата ќе му биде изречена дополнително.

Случајот многу потсетува на процесот за „силувањата во Мазан“ во Франција, каде што Доминик Пелико и уште 50 мажи беа осудени на затворски казни од три до 20 години поради дрогирање и силување на тогашната сопруга на Доминик, Жизел Пелико.

Тоа судење го сврте вниманието на светската јавност кон сериозниот проблем со сексуалните напади овозможени со употреба на дрога, односно тајното подметнување психоактивни супстанции на лица со цел нивно онеспособрување и извршување кривично дело.

Back to top button
Close