Три тела пронајдени на стрелиште во Црна гора

Голема полициска акција е во тек во Даниловград, Црна Гора, откако попладнево на стрелиште биле пронајдени безживотните тела на тројца мажи.
Според информациите од црногорската полиција, околу 17 часот сопственикот на стрелиштето „Чешка збројевка“, М.Ј., ја известил дежурната служба на Одделението за безбедност Даниловград дека во објектот затекнал три безживотни машки тела.
Полицијата веднаш излегла на терен, а според информациите што ги објавуваат регионалните медиуми, воспоставени се засилени контроли. Се запираат и се проверуваат возилата што се движат од Даниловград во правец кон Подгорица.
Според засега неофицијалните информации што ги пренесува „Блиц“, повикувајќи се на „Побједа“, тројцата загинати наводно биле работници на стрелиштето. Оваа информација сè уште не е официјално потврдена од полицијата.
Од Управата на полицијата соопштија дека полициски службеници, во координација и по налог на државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, вршат увид и преземаат истражни активности за да се утврдат околностите под кои било употребено огнено оружје и дошло до смртта на тројцата мажи.
Во тек е криминалистичка обработка на местото на настанот, како и утврдување на идентитетот на починатите.
Полицијата најави дека јавноста ќе биде дополнително информирана по завршувањето на првичните истражни активности. Засега официјално не е соопштено кој пукал, ниту што точно се случувало на стрелиштето непосредно пред трагедијата.
Полициската управа ги предупреди граѓаните да останат во своите домови додека трагаат по осомничениот вооружен сторител на тројното убиство на стрелиште во Даниловград.
Како што е објавено, сторителот употребил огнено оружје за да ги убие П.Г. (24) од Подгорица, М.Р. (67) од Даниловград и Н.К. (20) од Подгорица, вработени во стрелиштето „Чешка зброевка“ во близина на Даниловград.
Според неофицијални информации од полицијата, станува збор за тела на тројца инструктори кои работеле на ова стрелиште: Петар Глобаревиќ, Момир Радоњиќ и Немања Капор.






