Јаневска до првачињата: Побарајте братче или сестриче од родителите

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска од првачињата побара, покрај знаење, од своите родители да побараат и братче или сестриче, како порака во контекст на сè посериозниот демографски пад и затворањето училишта во земјава.

„Ако продолжиме вака постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато’. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта, во иднина да ги отвораме“, рече Јаневска при посетата на ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел.

Таа посочи дека демографскиот проблем не може да се реши со една сликовница, наставен предмет или програма, туку дека станува збор за поширок општествен проблем.

Според објавените податоци, во 2025 година во Македонија се родиле 15.850 деца, што е за 1,3 отсто помалку од претходната година и за 3.181 дете помалку во споредба со 2020 година, кога се родени најголем дел од денешните првачиња.

Новата учебна година почнува со 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование. Вкупно 148 училишни објекти, претежно во руралните средини, во моментов се празни, додека 24 училишта годинава се привремено затворени поради недостиг или премал број ученици

Back to top button
Close